Белата куќа ги отфрли шпекулациите за заминувањето на секретарот за одбрана Пит Хегсет и државниот секретар Марко Рубио, кои се појавија по изборниот пораз на републиканците и најавите за кадровски промени во администрацијата на Трамп. Во американските медиуми сè почесто се слушаат повици за разрешување на секретарот Хегсет поради војната во Иран, која се смета за клучна причина за тешкиот пораз на републиканците на изборите, пишува Би-Би-Си.
Еден републикански претставник, кому му истекува мандатот, најави дека уште следната недела ќе покрене постапка за отповикување против Хегсет. Секретарот за одбрана одговори на тоа со видео-изјава во која ја брани својот ангажман и го осудува тој обид. „Видете, ме напаѓаат. Нè напаѓаат затоа што сме ефикасни“, рече тој. „Тоа нема да им помине. Нема да се повлечеме.“
Во исто време, шефот на дипломатијата, Рубио, ги демантираше медиумските написи дека размислува да ја напушти функцијата за да се подготви за претседателската трка во 2028 година. „Мојот план отсекогаш бил да работам за Трамп до крајот на неговиот мандат“, изјави Рубио во интервју за „Њујорк тајмс“.
„Ја сакам својата работа“, додаде тој. „И секогаш се смеам кога слушам дека ја напуштам функцијата. Се прашувам, која точно?“ Белата куќа и Стејт департментот, исто така, ги отфрлија извештаите за заминувањето на Рубио по поразот на конгресните избори оваа недела, нарекувајќи ги „лажни вести“.
Сепак, политичката иднина на секретарот за одбрана е многу понеизвесна. Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс ја посочија војната во Иран како причина за нивниот изборен пораз, што резултираше со тоа демократите да преземат контрола и врз Претставничкиот дом и врз Сенатот. Во телефонски разговор за „Еј-Би-Си њуз“ (ABC News), Трамп изјави дека добил „загрижувачки повици“ во врска со Хегсет, но додаде дека „секако има намера“ да го задржи на функцијата.
Подоцна во четвртокот, тој им изјави на новинарите во Белата куќа дека „Пит Хегсет завршил фантастична работа“. Тој ги наброја неговите достигнувања, вклучително и апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро во јануари и деветмесечната војна во Иран. „Вашингтон пост“ во четвртокот објави дека Трамп, всушност, размислува за смена на генералот Ден Кејн, претседател на Здружениот генералштаб, или на адмиралот Бред Купер, командант на Централната команда на САД (CENTCOM). И двајцата одиграа клучни улоги во водењето на војната што започна пред осум месеци.
Во меѓувреме, републиканскиот претставник Томас Маси – кој често го критикува Трамп – најави дека продолжува со планот за отстранување на Хегсет. Тој за „Политико“ изјави дека планира, на почетокот на следната недела, да поднесе резолуција за смена на секретарот за одбрана.
На платформата „Икс“ (X), тој го предупреди претседателот дека треба да го замени Хегсет пред новиот Конгрес, во кој доминираат демократите, да започне со работа во јануари. „Тој треба да го стори тоа додека сè уште може да обезбеди потврдување на новите именувања од страна на Сенатот“, напиша Маси. Исто така, се појавија информации дека Хегсет е заинтересиран за испразнетото место во Сенатот, кое му припаѓаше на Тенеси. Во својата видео-изјава, Хегсет го осуди „лажниот процес за отповикување“ што против него го води „еден незадоволен, поразен конгресмен, заедно со неговите демократски сојузници“. Тој исто така нагласи дека Министерството, под негово раководство, ја спровело агендата на Трамп „Америка на прво место“.
Ова, според него, вклучува заживување на регрутирањето, обновување на одбранбената индустрија и прекин на иницијативите за различност (диверзитет). За демократите, тој рече: „Нивната политика не функционира. Токму затоа, нивната опсесија со политички театар – што е само демонстрација на моќ – ги наведува да се обидат да ги уништат своите противници. Сè се сведува на политика на лично уништување“.
