Барселона, Мадрид, Париз, Палма де Мајорка и Лондон беа петте дестинации со најголем број резервации кај европските патници во 2026 година, се наведува во извештајот на онлајн туристичката агенција „eDreams ODIGEO“.
Според податоците на агенцијата, меѓу дестинациите со најголем пораст на резервациите се најдоа Дурбан (пораст од 80 отсто), Мелбурн (57 отсто), Кејптаун (55 отсто), Јоханесбург (50 отсто) и Сиднеј (48 отсто), пренесува „Еуроњуз“.
Извештајот „Годината во патувањата 2026“ (The Year in Travel 2026) опфати податоци за пребарувањата и резервациите на патници од Германија, Франција, Шпанија, Португалија, Италија, Велика Британија и САД.
Дестинациите што најчесто се пребаруваа на глобално ниво беа Париз, Лондон, Токио, Њујорк и Бангкок.
Што се однесува до хотелските резервации, меѓу најпопуларните дестинации беа Барселона, Мадрид, Париз, Рим и Амстердам.
Зголемен интерес е забележан и за Каљари (78 отсто), Даблин (76 отсто) и Тирана (74 отсто).
Податоците покажаа дека шпанските градови се особено популарни меѓу патниците од Европа.
Седум од 10-те најрезервирани дестинации за шпанските туристи се наоѓаат во нивната земја, додека кај германските патници, Палма де Мајорка и Барселона ги зазедоа првите две места.
Кај француските патници, Маракеш забележа најмногу резервации, пред Барселона и Лисабон, додека португалските туристи најчесто ги избираа Париз, Барселона и Мадрид. Италијанците резервираа најмногу патувања во Барселона, Тирана и Париз.
