Околу 100 лица беа уапсени синоќа во Барселона, откако маскирани демонстранти, учесници на протест против естаблишментот, ограбуваа продавници и палеа имот во околината на централниот градски плоштад Пласа де Каталуња, соопштија каталонските власти.
Околу 25 проценти од уапсените се малолетници, изјави Нурија Парлон, надлежна за внатрешни работи во автономната заедница Каталонија. Таа додаде дека за време на немирите биле подметнати повеќе од 30 пожари, а 14 продавници биле вандализирани или ограбени.
🇪🇸 | URGENTE: Centro de Barcelona, España: https://t.co/NTTFotGbSR
— Alerta News 24 (@AlertaNews24) October 24, 2026
На социјалните мрежи претходно беа објавувани повици за приклучување кон движењето „против системот“. Во објавите се користел и слоганот „Institut Indignats“, инспириран од движењето „Lycées Indignés“, кое во изминатите недели организираше ученички протести во Франција. Називот може да се преведе како „огорчени средношколци“.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат луѓе заробени во продавници, меѓу кои и во стоковната куќа „Ел Корте Инглес“, откако биле спуштени заштитните ролетни за да се спречат грабежи.
Други снимки прикажуваат демонстранти облечени во црно, со капуљачи на главите, како кршат излози и одземаат стока. Во одделни случаи, корисници кои ги следеле настаните преку интернет ги поттикнувале на такви постапки.
Градоначалникот на Барселона, Жауме Колбони, порача дека вандалските дејствија во градот „нема да поминат неказнето“.
Тој најави и правни последици за старателите на малолетниците кои учествувале во немирите.
