Четири лица, меѓу кои и двајца полицајци, се повредени денеска во експлозија што се случи во атинската населба Колонос. Според досегашните информации, експлозијата се случи на влезот од станбена зграда, пренесува информативниот портал „Прототема“.
📌 Αστυνομικοί έλαβαν κλήση να ελέγξουν το κτίριο για ναρκωτικές ουσίες. Όταν έφθασαν στο σημείο εντόπισαν σακούλα και όταν επιχείρησαν να την ανοίξουν σημειώθηκε η έκρηξη
🎞️ Orange Press Agency
#Κολωνος https://t.co/LoixK0JNw3
— NEWS 24/7 (@News247gr) October 21, 2026
Еден од полицајците се здоби со тешки повреди, но не е во животна опасност, додека двајца цивили и другиот полицаец се здобија со полесни повреди и се хоспитализирани.
Се наведува дека една од теориите што се разгледуваат е оти станува збор за стапица поставена за полицијата.
Кога полицајците пристигнаа на местото на настанот – поточно на влезот од зградата, каде што се наоѓаше куфер во кој наводно имало дрога – дошло до експлозија.
На терен излегле осумнаесет пожарникари со шест возила, а присутни се и полициски сили.
Еден очевидец раскажа дека тој и неговите пријатели слушнале силен тресок и првично помислиле дека се случила сообраќајна несреќа. Кога излегле надвор, виделе чад, а набргу потоа дознале дека експлодирала бомба.
Според него, реакцијата на надлежните служби била моментална; возила на брза помош и полициски единици пристигнале на местото за само пет минути.
Полицијата го третира инцидентот како многу сериозен случај, а во оваа фаза не може да се исклучи можноста дека станува збор за стапица, осмислена со цел да им се нанесе штета на полицајците, наведува порталот.
