Државата на 20 октомври повторно ќе се задолжи за 92 милиони евра преку државни хартии од вредност, обвинува СДСМ, оценувајќи дека Владата на Христијан Мицкоски ги зголемува долговите наместо да обезбеди развој и подобар животен стандард за граѓаните.
„Уште едно задолжување, уште една бројка, уште милиони. Уште една дупка. Уште еден кредит што граѓаните ќе го враќаат. Колку уште? Четири милијарди евра Мицкоски направи долгови за две години“, се наведува во партиското соопштение.
Од СДСМ тврдат дека половина од долгот акумулиран од независноста досега е направен во последните две години. Партијата посочува и дека Владата го подготвува вториот ребаланс на буџетот, додека веќе е најавен и трет.
„Секоја недела нови десетици милиони евра врз грбот на народот. Сега 92 милиони евра. Утре пак“, обвинува опозициската партија.
Од СДСМ го критикуваат премиерот Мицкоски, обвинувајќи го дека со нови задолжувања ги покрива буџетските дупки наместо да подготви буџет за следната година. Партијата тврди дека јавните средства се трошат за, како што наведува, спорни тендери и провизии, наместо за повисоки пензии, плати, минимална плата и поддршка за земјоделците.
Во соопштението се критикува и министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска поради нејзините оценки за стабилноста на економијата.
„Стабилна со четири милијарди долг? Стабилна кога три минимални плати не ја покриваат кошничката со кирија за стан за едно семејство? Стабилна кога младите се пакуваат и заминуваат?“, прашуваат од СДСМ.
Партијата се повикува и на податоци од Светската банка, според кои, како што наведува, животниот стандард во земјава изнесува една третина од просекот на Европската Унија.
„Задолжувањето не е развој. Задолжувањето е сметка за идните генерации. Додека Мицкоски црта бајки, државата се задолжува. Народот плаќа“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ порачуваат дека власта повторно ќе се врати во рацете на граѓаните и најавуваат одговорност за, како што велат, злоупотребите, пред независното судство и европското обвинителство предводено од Лаура Ковеши.
