Бугарскиот премиер Румен Радев се сретна со руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова, по последните напади со дронови врз трговски бродови во Црното Море, во близина на бугарскиот брег. Средбата траела помалку од еден час, објави телевизијата „Нова“.
Разговорот следуваше по нападите врз два брода. „Chelsea 3“, брод во украинска сопственост што плови под малтешко знаме, бил нападнат со три дрона на околу 18 наутички милји источно од Бјала. Сите 15 членови на екипажот беа евакуирани, а петмина добија медицинска помош поради полесни повреди.
Во друг инцидент, брод потона во близина на Крапец. Според првичните информации, еден морнар бил спасен.
Претходно, Радев ги оцени нападите како „целосно неприфатливи“, нагласувајќи дека засега нема убедливи докази за утврдување на потеклото на дроновите. Сепак, тој посочи дека исходот од нападите ѝ оди во прилог на Русија.
Бугарија ќе побара меѓународна поддршка за истрагата за инцидентите и за зајакнување на надзорот над воздушниот простор и поморските области на земјата.
Црното Море стана уште еден фронт на ескалацијата на руската војна во Украина. Ова го напиша претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на својот официјален профил на платформата Икс, осудувајќи ги нападите со дронови врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег.
„Ова е недозволиво. Категорично ги осудувам нападите со дронови врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег.
Тие ги изложуваат животите на членовите на екипажите на сериозна опасност и ја загрозуваат безбедноста во Црното Море.
Ја поддржуваме Бугарија и им благодариме на нејзините спасувачки екипи за брзата реакција.
Одговорните мора да сносат одговорност“, напиша Фон дер Лајен.
Утрово беше објавено дека два товарни брода биле погодени во Црното Море. Обласниот управител на Варна, Марио Смрков, изнесе дополнителни информации за двата трговски брода погодени во текот на ноќта.
Според информации објавени во турските медиуми, бродот „Azov Concord“ не бил погоден, туку учествувал во спасувачка операција за извлекување на членовите на екипажот на друг брод што потонал откако бил погоден.
Засега не е целосно разјаснето кој брод бил цел на нападот. Според првичните информации, можно е да станува збор за бродот „HS Dignity“, кој се наоѓал североисточно од ’ртот Шабла во Црното Море.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја увери Бугарија дека Алијансата ќе продолжи да ја следи безбедносната состојба во Црното Море и, доколку е потребно, ќе ги приспособи одбранбените мерки по нападите врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег.
„Разговарав со бугарскиот премиер Румен Радев за последните напади врз трговски бродови во Црното Море. НАТО ќе продолжи тесно да соработува со сојузниците во регионот. Веќе го зајакнавме нашето присуство на источното крило и ќе продолжиме да ја следиме безбедносната состојба, приспособувајќи ги мерките за одвраќање и одбрана доколку е потребно“, напиша Руте на платформата Икс.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, ја обвини Русија дека намерно ги занемарува човечките животи и безбедноста на поморскиот сообраќај. Во нападите, според објавените информации, беа повредени украински и азербејџански државјани.
„Ги повикуваме нашите партнери да го зголемат притисокот врз Русија, да ги зајакнат санкциите и да преземат решителни мерки за таа да одговара и да се заштити слободата на пловидбата“, напиша Сибиха на Икс.
Тој нагласи дека Црното Море има клучно значење за глобалната безбедност на снабдувањето со храна и ја обвини Русија дека се обидува да го користи гладот како оружје и да ја одржува зависноста на светот од руските интереси.
Во текот на ноќта беа погодени два трговски брода во одделни инциденти во Црното Море.
Шест морнари беа повредени при напад врз товарниот брод „Chelsea 3“, кој плови под малтешко знаме, на околу 18 наутички милји источно од Бјала. Сите 15 членови на екипажот, меѓу кои седум украински и осум азербејџански државјани, беа евакуирани. Петмина беа пренесени во болницата „Света Ана“ во Варна, а шестиот во Военомедицинската академија. Бродот остана на површината.
Во одделен инцидент, друг брод потона на околу 17 наутички милји источно од Крапец. Според досегашните информации, најмалку четири лица беа спасени, но податоците за целиот екипаж сè уште не се целосни.
