Михаилова слободно ја мина границата со Бугарија, бугарското МНР не било известено за нејзините потези

Од:

Министерството за надворешни работи не беше однапред известено за потезите на Ива Михаилова, нејзиното семејство и нејзиниот адвокат – потези што доведоа до нејзиното пристигнување во Бугарија – ниту пак учествуваше во нивното организирање. Адвокатот стапил во контакт со Министерството непосредно пред да даде јавна изјава, соопштија од Министерството за надворешни работи на Бугарија.

„Ја разбираме загриженоста на семејството во врска со здравјето на Ива. Најважно сега е таа да ја добие потребната медицинска нега. Тимот на Универзитетската болница за итна медицинска помош „Н. И. Пирогов“ ќе ја процени нејзината состојба и ќе го одреди потребниот третман“, соопштија од Министерството.

– Бугарија континуирано ги поддржуваше напорите за да се обезбеди Ива да го добие потребниот третман. Министерството ќе продолжи да дава помош во врска со случајот во рамките на своите надлежности, се вели во соопштението.

Претходно денеска беше објавено дека 23-годишната Бугарка ја напуштила Северна Македонија по неколкумесечни правни спорови околу потребата од специјализиран третман за повредите здобиени во тешка сообраќајна несреќа.

Ива Михаилова сега е во Бугарија и треба да започне со лекување во Универзитетската болница „Пирогов“. Таа изјави дека поминувањето низ граничните премини поминало непречено, и покрај повеќемесечната правна битка околу нејзината можност да ја напушти Северна Македонија.

Случајот настана по тешка сообраќајна несреќа на 7 октомври 2025 година, на патот меѓу Кочани и Штип. Едно лице загина во судирот, а неколку други – вклучително и Михаилова – беа повредени. Младата жена, која поседува и бугарско и македонско државјанство, се здоби со тешки повреди на ‘рбетот.

Министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев потврди дека Ива Михајлова е примена во болницата „Пирогов“.

„Бев информиран дека таа и нејзиниот адвокат се во „Пирогов“. Ќе се преземат чекори за нејзино испрашување – за да се утврди дали, кога, каде и како ја преминала границата, како и сите други околности; исто така ќе провериме дали им е потребна безбедносна заштита, а доколку е така, таа ќе биде обезбедена“, додаде тој.

Во јули 2026 година, пред Основниот суд во Кочани започна судењето против Михаилова, која беше обвинета за тешко кривично дело против безбедноста во сообраќајот. По несреќата, нејзините лични документи беа одземени, со што ѝ беше оневозможено да патува во Бугарија на лекување.

И покрај доставената медицинска документација со која се потврдуваше потребата од специјализирана медицинска процедура, судот во Кочани одби да го одобри нејзиното патување. На 20 август, Апелациониот суд во Штип ја потврди таа одлука. Бугарското Министерство за надворешни работи издаде соопштение во кое се наведува дека со одбивањето не биле соодветно земени предвид сериозноста на нејзината здравствена состојба и фактот дека неопходниот третман не може да се спроведе во Северна Македонија.

Случајот предизвика бурни реакции во јавноста и дипломатски реакции од бугарска страна. Михаилова сега се наоѓа во Бугарија, каде што треба да ја добие потребната медицинска нега.

– Изјавата на Муцунски ја сметам за дрска, а да не зборуваме дека е и лага. До судот во Северна Македонија доставив десетици медицински документи и стручни мислења – вклучително и заедничко мислење од петмина невролози и неврохирурзи – кои потврдуваат дека итно ми е потребна медицинска процедура и рехабилитација што не можат да се спроведат во Република Северна Македонија поради недостиг на неопходните технички и медицински капацитети, вели на 8 октомври 23-годишната Ива Михаилова во изјава на Фејсбук.

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски – кој престојуваше во Софија – изјави дека Михаилова добива соодветен третман. Покрај тоа, Северна Македонија одобри бугарски медицински лица да отпатуваат на лице место за да ја прегледаат.

Михаилова е категорична дека тоа не е така и дека таму не можат да ѝ го обезбедат неопходниот третман.

„Секој пат кога одам на преглед, лекарите ми кажуваат дека третманот не може да се спроведе овде, туку само во Бугарија, Израел или Турција. Ова е наведено во секој документ што го имам доставено до судот“, вели Михаилова.

„Понатаму, специјалистите во Скопје препорачаа рехабилитација во Штип. Сепак, обвинителството не ми дозволува ниту да го напуштам Кочани, и покрај понудената гаранција од над 80.000 евра. Не разбирам за каков ’сеопфатен третман‘ зборуваше денес г-дин Муцунски“, изјави Михаилова.

На крајот од видео-изјавата, Михајлова упати и прашање до Муцунски.

„Дали градежните работници од другото возило – она што ја предизвика несреќата додека се движеше кон Берово – патуваа за да изградат вила за Вас или за некој Ваш близок?“, праша таа.

Таа праша и за идентитетот на лицето кое пристигнало на местото на настанот неколку минути по несреќата.

„Тој не им дозволуваше на сведоците да си заминат сè додека не ги избришат сите фотографии што ги направиле од несреќата – фотографии кои ја докажуваат мојата невиност. Потоа, тој остана сам со полицијата и техничарите, а скицата од несреќата беше изготвена според неговите желби“, рече Ива Михаилова.

Би можело да ве интересира

Михаилова избега од Македонија, МВР вели дека нема евидентиран нејзин излез

Горан Наумовски

Рауфи: Изненаден сум од заминувањето на Михаилова, Судот не ни даде дозвола

(ВИДЕО) Ива Михаилова е во Бугарија: Во Северна Македонија бев прогонувана поради моето бугарско потекло

Горан Наумовски

Средба на министерот Муцунски со бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Зеленски тврди дека Русија ги нападнала бродовите во бугарски води, Софија не потврдува

ВИДЕО: Напад со дронови на два брода во бугарски води во Црното море