Судот за работни спорови во Бразил ја потврди одлуката за отказ без исплата на отпремнина на работник кој во текот на 2025 година зел боледување 88 пати, додека, според доказите што ги доставила компанијата, во одредени периоди извршувал должности како пастор, пренесува порталот G1.
Случајот бил разгледуван пред Вториот суд за работни спорови во Сао Каетано до Сул, во пошироката област на Сао Паоло.
Работодавачот пред судот доставил фотографии од страниците на верската заедница на социјалните мрежи, на кои се гледа како работникот држи говори и учествува на верски настани во периоди за кои имал лекарски потврди со кои го оправдувал своето отсуство од работа.
Работникот, кој бил вработен како оператор во производство, во текот на 2025 година поднел 88 лекарски уверенија со кои во различни периоди му биле препорачани одмор, отсуство од работа и ограничување на физичките напори.
Меѓу доказите доставени од компанијата имало и фотографија на која работникот предводи верски собир во период кога, според медицинската документација, бил на боледување поради цервикалгија, односно болка во вратот. Работодавачот навел дека отказот не бил поврзан со верските убедувања на вработениот, туку со неговото учество во активности што биле „неспоиви со лекарските препораки“ врз основа на кои му било одобрено отсуството.
Вработениот го оспорил отказот пред судот, тврдејќи дека компанијата измислила причини за незаконски прекин на работниот однос. Тој се повикал и на заштитата на работното место предвидена со колективниот договор, како и на правото на слобода на вероисповед.
Дополнително, тврдел дека неговите здравствени проблеми биле поврзани со промените во работните обврски по враќањето од отсуство поврзано со социјалното осигурување, како и дека работодавачот не успеал соодветно да се приспособи на неговите физички ограничувања.
Судијката Изабела Парели Хадад Флаит заклучила дека, во околностите утврдени во текот на постапката, учеството во верски активности за време на оправдано отсуство ја нарушило довербата неопходна за продолжување на работниот однос.
Во пресудата се наведува и дека вработениот примал плата за време на отсуството, додека истовремено ги извршувал должностите на верски водач. Судот истакнал дека пасторите, иако генерално немаат стандарден работен однос со верската заедница, можат да добиваат финансиски надомест за издржување, познат како „пасторски надомест“.
Врз основа на изнесените докази, судот ја потврдил одлуката за отказ и ги одбил барањата на работникот за враќање на работа, исплата на плата и други надоместоци за спорниот период.
Сепак, постапката сè уште не е правосилно завршена, а работникот има можност да поднесе жалба.
