Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска оцени дека Русија повторно покажала „неодговорно и опасно однесување“ кон Европа, наведувајќи ги како примери инцидентот со руски воен брод во близина на Данска и влегувањето на дрон во воздушниот простор на Литванија.
„Руски воен брод испука сигнални ракети опасно близу до дански хеликоптер“, наведе Фон дер Лајен во објава на социјалната мрежа X.
Таа додаде дека дрон влегол во воздушниот простор на Литванија, по што, како што наведе, бил уништен од борбени авиони на НАТО.
„Ова не се изолирани инциденти. Тие се дел од поширок образец на руската агресија и провокации кон Европа, со кои се тестираат нашата подготвеност и решителност“, оцени претседателката на Европската комисија.
Фон дер Лајен порача дека решителноста на Европа, како што наведе, ќе биде сè посилна.
„Ја зајакнуваме нашата заедничка одвратувачка моќ и одбрана, заедно со НАТО, и го засилуваме притисокот врз Русија“, наведе Фон дер Лајен.
Беспилотното летало што во понеделникот го соборија авионите на мисијата на НАТО за воздушно патролирање во близина на литванското село Праткунај влегло во Литванија од правец на Белорусија, објавија литванските медиуми.
Исто така, руска фрегата истиот ден испукала сигнални ракети во правец на повеќенаменски хеликоптер AS-550 Fennec на данските воздухопловни сили, додека хеликоптерот се наоѓал во меѓународни води на Балтичкото Море.
