Путин првпат се огласи по нападите врз Кримскиот мост: „Нашиот одговор ќе биде многу поболен“

Од:

Рускиот претседател Владимир Путин за првпат јавно реагираше на најновите украински напади врз Кримскиот мост, упатувајќи нова закана кон Киев и најавувајќи дека руските одговори ќе бидат посилни и поболни.

„По нападите врз Кримскиот мост нема да преговараме. Ќе одговориме на овие напади и сакам сите да го знаат тоа. Нашите удари ќе бидат многу поболни“, изјави Путин во кинескиот град Шенжен, каде што учествува на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).

Путин се огласи по билатералната средба со американскиот претседател Доналд Трамп, како и по трилатералната средба на која учествуваше и кинескиот претседател Си Џинпинг. Според објавените информации, на разговорите биле отворени прашањата за војната во Украина и глобалната безбедност.

Времето на украинските напади е особено чувствително за Москва, бидејќи оштетувањето на мостот се случи непосредно пред средбите на Путин со светските лидери.

На самитот, рускиот претседател повторно изјави дека Русија, според неговите зборови, „не започнала ниту една војна“, туку се обидела да ја заврши.

Новата закана од Путин следува по уште еден ноќен напад врз Кримскиот мост, помалку од два дена по претходниот удар во кој беше урнат дел од патната конструкција.

Руското Министерство за транспорт соопшти дека железничкиот сообраќај преку мостот бил привремено прекинат по нападот со украински беспилотни летала. Според руските власти, нема жртви, а стручни екипи ја проценуваат причинетата штета.

Шефот на Крим, Сергеј Аксјонов, кого го постави Москва, потврди дека преминот повторно бил погоден кратко по полноќ по локално време.

Во меѓувреме, жителите на окупираниот Севастопол, стравувајќи од можни недостиг на гориво, се упатиле кон бензинските пумпи.

Два дена претходно украинските сили, по повеќенеделна операција во седум фази, со ракети и беспилотни летала предизвикаа уривање на дел од патниот распон и челичниот лак на мостот во Керчкиот теснец. Тогаш патниот сообраќај беше целосно прекинат, додека железничкиот сообраќај продолжи да функционира до најновиот напад.

Кримскиот мост, долг околу 19 километри, е најдолгиот мост во Европа и претставува важна транспортна и логистичка врска за руските сили кон окупираните украински територии.

Изграден е по руската анексија на Крим во 2014 година и има големо симболично значење за Кремљ, бидејќи е еден од клучните инфраструктурни проекти поврзани со владеењето на Путин.

Мостот и претходно беше сериозно оштетуван во украинските напади во октомври 2022 и јули 2023 година, но досега не беше целосно исфрлен од употреба.

Иако руските власти најавија дека ќе го обноват преминот по последното уривање, воени и градежни експерти за украинскиот медиум „Kyiv Independent“ оценија дека поправката на толку сериозно оштетена конструкција би можела да трае една година или подолго и да бара огромни ресурси.

Би можело да ве интересира

Поранешен британски министер: Самитот потврди дека Америка повеќе не е предводник на слободниот свет

Зеленски: Трамп и Си можат да го принудат Путин да ја заврши војната

Путин: Украина и Европа сè уште не се подготвени за компромис

Си: Нуклеарното оружје е меч што виси над човештвото

Трамп, Путин и Си објавија заедничка изјава, се договорија за четири точки

Горан Наумовски

Баро за средбата на Трамп, Путин и Си: „Од тој состанок нема да има ништо“