Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека постојат шанси за решавање на конфликтот во Украина, при што оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп е посветен на позитивен и конструктивен ангажман во врска со ова прашање.
– Пред сè, Русија и Украина треба меѓусебно да постигнат договор, додека другите земји можат само да помогнат во тој процес, истакна Путин, пренесе „Спутник“.
Путин, говорејќи на Источниот економски форум во Владивосток, оцени дека пристапот на Соединетите Американски Држави кон руско-украинските преговори е исправен.
Тој посочи дека во тек се контакти со претставници на американската администрација, кои Трамп ги назначил за дијалог со Русија, додавајќи дека нивниот ангажман може да придонесе кон изнаоѓање решение за конфликтот.
