Украина ги обнови воздушните операции, Москва и Санкт Петербург се главните цели

Од:

Летовите над Москва се ограничени шеста ноќ по ред, според податоци од веб-страници за следење на летови и известувања од руската Федерална агенција за воздушен сообраќај („Росавијација“).
Најновите ограничувања беа воведени откако украинскиот претседател Володимир Зеленски на 15 октомври изјави дека Украина нема да ги прекине нападите врз руските рафинерии за нафта. Истата вечер, летовите во Москва и Санкт Петербург беа прекинати.

Синоќа, „Росавијација“ соопшти дека три од четирите главни московски аеродроми – „Внуково“, „Домодедово“ и „Жуковски“ – го прекинуваат работењето поради безбедносни ризици.

„Воведени се привремени ограничувања за пристигнување и заминување на авиони. Овие ограничувања се неопходни за да се обезбеди безбедност на летовите“, наведоа од агенцијата.

Претходно истиот ден, руското Министерство за транспорт објави дека цивилниот воздушен сообраќај во московскиот регион ќе биде под „посебен надзор“ на Министерството и „Росавијација“. Претходната вечер, летовите беа прекинати на сите четири московски аеродроми, како и на аеродромот „Пулково“ во Санкт Петербург.

Иако „Росавијација“ првично не најави ограничувања за аеродромот „Шереметјево“ во текот на ноќта меѓу 16 и 17 октомври, независните податоци за летовите укажуваа на нарушувања и доцнења. Околу 02:00 часот по локално време, агенцијата соопшти дека привремени ограничувања се воведуваат и на тој аеродром.

Според податоците од сервисот „Flightradar24“, „Шереметјево“ бил петтиот најзафатен аеродром во светот во однос на нарушувањата во воздушниот сообраќај, соочувајќи се со „сериозни проблеми“.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека до 01:30 часот на 17 октомври биле пресретнати речиси 30 беспилотни летала кои се упатиле кон главниот град.

Ограничувањата – кои беа на сила шеста вечер по ред – доведоа до долги редици патници и стотици одложени летови. Руското Министерство за транспорт соопшти дека испраќа дополнителен персонал на московските аеродроми за да помогне во справувањето со ситуацијата. Собјанин тврдеше дека во периодот меѓу ноќите на 13 и 15 октомври, Украина лансирала речиси 500 беспилотни летала кон московскиот регион – при што сите, според него, биле пресретнати од руската противвоздушна одбрана. Следната ноќ, според неговите наводи, над Москва биле соборени речиси 100 украински беспилотни летала.

Украина ги прекина нападите врз руските рафинерии во траење од три дена, за да излезе во пресрет на барањата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој еднострано прогласи „енергетско примирје“ меѓу Киев и Москва.

Трамп тврдеше дека украинските напади врз рафинериите доведуваат до пораст на светските цени на нафтата и дизелот, иако постојат индиции дека американската војна во Иран е главната причина за поскапувањата.

Иако Зеленски се обиде да му удоволи на Трамп – кој се закани дека ќе ѝ ги ускрати разузнавачките податоци на Украина и кој постигна договор со рускиот претседател Владимир Путин за набавка на дизел од Русија – Москва продолжи со напади од голем обем врз украинските градови и енергетската инфраструктура.

На 15 октомври, Зеленски објави дека паузата во нападите врз руските рафинерии е завршена.

„Готово е“, изјави украинскиот претседател.

Би можело да ве интересира

На Украинците им се заканува смрзнување: Милиони ќе мора да ги напуштат домовите, предупредува ОН

Русија се закани: Ќе го поделиме Киев

(ВИДЕО) Нов бран разорни напади врз Украина: Најмалку осум загинати, погодени се и трговски центри

ЕУ: За жалење е одлуката на САД за укинување на санкциите за рускиот дизел

Американски генерал: Путин игра опасна игра, но НАТО е многу помоќен од Русија

А1он

Христофору: Зеленски доживува политички слом поради заладените односи со Вашингтон