Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека сите разузнавачки проценки со кои располагаат Украина и нејзините партнери покажуваат дека рускиот претседател Владимир Путин и натаму сака да ја продолжи војната.
Зеленски рече дека разговарал со претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои се подготвуваат за разговори со руската страна, а потоа и за посета на Украина.
„Разговаравме за нашите ставови. Ги информирав Стив и Џаред за промените во ситуацијата овде во Украина, на бојното поле и во однос на руските напади“, изјави Зеленски.
Според него, било разговарано и за можните начини како Русија да биде поттикната да ја прекине војната. Зеленски тврди дека засега нема знаци дека Москва е подготвена да тргне во таа насока.
„Расположението во Москва, или поточно расположението на Путин, мора да биде насочено кон завршување на војната, а не кон продолжување на борбите“, рече тој.
Украинскиот претседател нагласи дека украинските и сојузничките разузнавачки служби доаѓаат до ист заклучок.
„За жал, засега сите разузнавачки проценки, и нашите и оние на нашите партнери, како и сите сигнали што доаѓаат од Русија, покажуваат дека рускиот лидер лично и натаму сака војна“, изјави Зеленски.
Тој истакна дека „апсолутното мнозинство“ од руското општество, според негово мислење, би се согласило на прекин на војната долж актуелната линија на фронтот.
