СДСМ бара одговорност од министерот Иван Стоилковиќ поради, како што велат од партијата, величање на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ и бараат Јавното обвинителство да постапи.
„Наместо да гледаме кон демократските вредности, иднината, Европа и просперитетот, имаме министри во Владата на Мицкоски кои ги величаат воените злосторници како Ратко Младиќ“, изјави на денешната прес-конференција Кети Штерјова од СДСМ.
Таа оцени дека станува збор за дел од, како што ја нарече, поширока агенда поврзана со „Вучиќ, руската агенда, кинеските инвестиции и воодушевувањето од Кина“, како и со концептот на „српскиот свет“.
Штерјова обвини дека создавањето етнички тензии, поделбите во општеството и навредите од страна на премиерот Христијан Мицкоски се дел од операцијата „Талог“, за која СДСМ претходно предупредувал.
„Одобрувањето или оправдувањето на геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства е кривично дело. И за ова мора да има одговорност“, рече Штерјова.
Од СДСМ се повикуваат на член 407-а од Кривичниот законик, кој предвидува одговорност за одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства, како и на член 319, кој го санкционира предизвикувањето или разгорувањето национална, расна или верска омраза, раздор и нетрпеливост.
Штерјова го посочи и член 20 од Уставот, според кој програмите и дејствувањето на политичките партии не смеат да бидат насочени кон повикување на воена агресија или разгорување национална, расна или верска омраза и нетрпеливост.
„Значи, законот постои. Кривичното дело постои. Надлежна институција постои. Што чека Јавното обвинителство? Повик од Мицкоски?“, праша Штерјова.
СДСМ бара Обвинителството да ја утврди одговорноста на Стоилковиќ, неговата партија и Далибор Китановиќ.
Стоилковиќ е министер во Владата и претседател на Демократската партија на Србите, додека Китановиќ е директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
Од СДСМ бараат и премиерот Мицкоски да одговори дали во неговата Влада има место за функционери кои, како што тврдат, величаат или оправдуваат осудени воени злосторници.
Со реакција се огласи и ДУИ, од каде го обвинија ВЛЕН дека е соодговорен за постапките на неговите коалициски партнери.
„Партнерите на ВЛЕН во Владата, кои ВЛЕН ги бранеше и легитимираше во секој аспект, денес го величаат Ратко Младиќ и Дража Михаиловиќ“, наведуваат од ДУИ.
Од партијата посочуваат дека Стоилковиќ е министер во Владата во која учествува ВЛЕН и обвинуваат дека ВЛЕН го прифаќа и брани политичкото партнерство заради останување на власт.
ДУИ потсетува дека Младиќ е правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства и дека е одговорен, меѓу другото, за геноцидот во Сребреница.
„Иван Стоилковиќ и неговата српска партија постојано покажувале такви ставови, нарекувајќи го масакрот во Сребреница „некрофилски Дизниленд““, стои во реакцијата на ДУИ.
Од ДУИ велат дека ВЛЕН не може да се поставува како набљудувач и да реагира само со соопштенија, бидејќи е дел од Владата и, според нив, е соодговорен за партнерите што ги одржува на власт.
„ВЛЕН повеќе не може да се крие зад реакција на Фејсбук. Молкот пред величањето на геноцидот е толеранција, а толеранцијата во власта е соодговорност“, велат од ДУИ.
Партијата обвинува и дека концептот на „српскиот свет“ навлегол во политичките и институционалните структури на земјата, додека ВЛЕН, според нив, избрал да биде дел од таквата политика.
