Претседателот на иранскиот парламент и главен ирански преговарач Мохамед Багер Калибаф денес изјави дека стратегијата на САД, за која рече дека имала за цел да го ослаби капацитетот на Техеран да го контролира Ормутскиот теснец, им се вратила како бумеранг на САД.
„Тие сакаа да го казнат Иран. Наместо тоа, се казнија себеси со троцифрена цена на нафтата.
Стратегија – чиста 10“, напиша Калибаф на платформата X. Цената на суровата нафта Брент, која е глобален репер, привремено надмина 100 долари за барел денес откако бунтовничката група Хути од Јемен нападна два саудиски танкери за нафта.
Конфликтот меѓу САД и Израел со Иран предизвика глобална енергетска криза. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) претходно овој месец ја намали својата прогноза за раст на глобалната економија поради конфликтот, велејќи дека тоа ќе доведе до „умерено забавување“. ММФ ја намали својата проценка за раст од 3,1 процент на 3,0 проценти.
