Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Украина има информации за фабрики во Белорусија кои, како што тврди, се вклучени во поддршка на руските воени операции во војната против Украина.
„Знаеме за секоја фабрика во Белорусија која работи за Русија и работи за оваа војна. Секоја компанија која снабдува компоненти за руско оружје – за оклопни возила, за ракетни системи – а исто така и компанија која ја снабдува Русија со гориво за војната – сето ова ја влече Белорусија во војната“, нагласи Зеленски во вечерното видео обраќање, пренесува украински Интерфакс.
Според Зеленски, во Белорусија се инсталирани специјални повторувачи по должината на границата со Украина, особено во пограничните региони Гомељ и Брест, кои, како што изјави, им овозможуваат на руските сили да извршуваат напади со беспилотни летала на украинска територија.
