Цените на суровата нафта утрово пораснаа за повеќе од три проценти, како реакција на новите напади што си разменија Иран и САД, а Израел издаде наредба на својата војска да ги интензивира нападите врз Хезболах во Либан, пишува Ројтерс.
Според агенцијата, фјучерсите на американската сурова нафта пораснаа за 2,88 долари или 3,3 проценти и се продава за 90,24 долари за барел, додека фјучерсите за нафтата од типот „брент“, која важи за глобален репер за енергенсот, имаат раст од 2,78 долари или 3,05 проценти. Утрово во 8 часот, според средноевропско време, барел нафта од типот „брент“ се продавал за 93,9 долари.
Новите напади, кои доаѓаат откако Вашингтон во петокот беше домаќин на мировните преговори меѓу Израел и Либан, ги намалија надежите дека САД и Иран наскоро би можеле да објават дека постигнале договор за прекин на огнот. Очекувањата на евентуален договор во петокот доведоа до пад на цената на „брентот“ за 1,8 проценти и на американската сурова нафта (WTI) за 1,7 проценти.
Соединетите Американски Држави вчера сооштија дека спровеле нови, како што ги нарекуваат, напади во самоодбрана, чија цел биле радарски позиции и локации за контрола на беспилотни летала на иранските острови Горук и Кешм. Нападите, наведоа од Вашингтон, се одговор на „агресивните“ акции на Техерам
Иранската елитна Исламска револуционерна гарда денеска, пак, соопшти дека нејзините воздухопловни сили нападнале воздухопловна база што според нив се користела за американските напади врз телекомуникациската кула на иранскиот остров Сирик.
САД извршија напади врз ирански воени цели, Техеран возврати со напад на воздухопловна база
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека наскоро ќе донесе одлука за нацрт-договорот за продолжување на прекинот на огнот за уште 60 дена, што треба да им даде на преговарачите дополнително време за да најдат решение за најтешкото прашање во преговорите – иранската нуклеарна програма.
Во меѓувреме Израел продолжува со жестоките напади во јужен Либан, што наидува на силни реакции од Иран кој постојано повторува дека Хезболах мора да биде дел од договорот. Според американски функционер, САД предложиле план за „постепена деескалација“ според кој Хезболах прво би ги запрел нападите врз Израел во замена за воздржаност од Тел Авив од ескалација на конфликтот, објави Ројтерс.
Истовремено расте и загриженоста поради мините поставени во Ормускиот теснец, клучна меѓународна линија за транспорт на нафта и течен природен гас. Ова, според аналитичарите, може да го забави процесот на повторно отворање на теснецот, што би значело дека олеснувањето на светските пазари би дошло побавно и во случај да се постигне договор за негово отворање.
Ормускиот теснец е воден пат за околу една петтина од глобалните текови на нафта и течен природен гас, а Иран ефикасно го затвори откако започна конфликтот со нападите на САД и Израел на 28 февруари.
Блокадата предизвикува загриженост и кај Пекинг, каде економските податоци од викендот покажуваат застои во активноста на тамошните фабрики.
.
