Иако водечките арапски држави јавно ја осудија воената кампања на Израел во Газа, зад затворени врати тие градеа невидено ниво на соработка со израелската армија – откриваат протечени американски документи анализирани од „Вашингтон пост“ и Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ).
Според документите, кои го опфаќаат периодот од 2022 до 2025 година, израелски и арапски воени претставници – со посредство на Соединетите Американски Држави – учествувале во серија тајни состаноци и вежби во Бахреин, Египет, Јордан и Катар. Овие состаноци, формално спроведени под покровителство на Централната команда на САД (CENTCOM), имале за цел изградба на заедничка регионална безбедносна структура против Иран и неговите сојузници, но во пракса тие создале мрежа што ги поврзува Израел и земјите што јавно го нарекуваат окупаторски режим.
По нападите на Израел врз Газа во 2023 година, лидерите на Египет, Јордан, Катар и Саудиска Арабија јавно го осудија Тел Авив за она што го нарекоа „геноцид врз палестинскиот народ“ и „етничко чистење“. Во своето обраќање пред Обединетите нации, емирот на Катар го обвини Израел дека е „држава непријателска кон својата околина и соучесник во изградбата на апартхејд“.
Сепак, документите покажуваат дека во исто време, високи офицери од истите тие земји тајно се координирале со израелските воени претставници во американските бази. Еден од најинтересните примери е состанокот одржан во мај 2024 година во воената база Ал-Удеид во Катар, најголемата американска воена инсталација во регионот, каде што израелските воени претставници долетале директно, заобиколувајќи ги цивилните порти на Катар, за да избегнат внимание од јавноста.
Протечените документи откриваат дека Вашингтон, преку ЦЕНТКОМ, развил она што го нарекува „Регионален безбедносен конструкт“ – мрежа од воени, разузнавачки и логистички механизми што го поврзуваат Израел со шест арапски земји: Бахреин, Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Планот имал јасна стратешка цел: да се соочи со Иран, кој документите го опишуваат како „оска на злото“ заедно со јеменските Хути и либанскиот Хезболах. Материјалите вклучуваат и воени мапи со ракети што ги покриваат Газа и Јемен, кои требаше да го илустрираат опсегот на иранските и проиранските вооружени групи.
До 2024 година, според документите, ЦЕНТКОМ успеал да ги поврзе повеќето од своите партнери во заеднички регионален систем за воздушна одбрана, преку кој арапските земји и Израел разменувале радарски податоци со американската војска. Двете земји дури и почнале да ги споделуваат своите податоци со американските воздухопловни сили.
Соработката беше доведена во прашање на 9 септември 2025 година, кога израелската војска изврши воздушен напад врз Доха, главниот град на Катар, наводно насочен кон лидерите на Хамас. Инцидентот предизвика бес и шок во регионот, особено затоа што ниту еден радар во рамките на американскиот систем не го регистрирал пристигнувањето на израелските ракети.
Американскиот генерал Дерек Франс подоцна објасни дека радарските системи биле „насочени кон Иран и други извори на закани, а не кон Израел“. По силниот притисок од Вашингтон, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му се извини на Катар на 29 септември и вети дека ваквите напади „нема да се повторат“.
Според истите извори, соработката вклучувала не само размена на податоци и координација против Иран, туку и заедничка обука во борбата против подземните тунели – тактика со која Хамас успешно ја изненадува израелската армија со години.
Еден од клучните состаноци се одржа во јануари 2025 година во американската воена база Форт Кемпбел во Кентаки, каде што американските сили обучија офицери од шест партнерски земји за методи за откривање и неутрализирање на подземни закани.
Дополнително, се планира да се воспостави „Заеднички блискоисточен кибер центар“ до 2026 година, кој би ги координирал одбранбените ИТ операции и заедничките вежби. Друг предлог се однесува на формирање „Информативен центар за спојување на податоци“, со цел синхронизирање на информациските и пропагандните активности со цел, како што се наведува во еден документ, „да се промовира приказната за регионална соработка и просперитет“ против иранскиот наратив за заштита на Палестинците.
Во светлината на најновото примирје, кое Израел и Хамас го постигнаа со посредство на Египет и САД, американскиот претседател Доналд Трамп објави план од 20 точки за завршување на војната во Газа. Планот предвидува постепено повлекување на израелските трупи, ослободување на заложниците и пристигнување на меѓународни сили – вклучувајќи трупи од неколку арапски земји кои со години соработуваат со Израел во тајна безбедносна рамка.
Вашингтон потврди дека 200 американски војници ќе бидат распоредени во Израел за да го поддржат спроведувањето на прекинот на огнот, и дека ќе им се придружат војници од неколку арапски држави вклучени во гореспоменатата мрежа за соработка.