Иран депортира над 300.000 авганистански мигранти под сомнение дека се израелски шпиони

Од:

Иран депортирал повеќе од 300.000 авганистански мигранти во текот на изминатите две недели, соопштија авганистанските власти. Егзодусот беше поттикнат од кампањата за национална безбедност во Техеран, каде што постојат стравувања дека Авганистанците би можеле да шпионираат за Израел, објави британскиот „Телеграф“.

Бегалците опишаа произволни апсења, притворања и широко распространета злоупотреба од страна на иранските безбедносни сили, велејќи дека тензиите ескалирале по израелските напади врз иранските нуклеарни постројки и военото раководство минатиот месец.

„Некои избраа доброволно да се вратат, но повеќето беа депортирани од Иран“, рече Ахмадула Мутаки, раководител на Одделот за информации и култура на Авганистан.

Тие се соочуваат со екстремно високи температури и недостаток на основни услови за живот, а агенциите за помош предупредија за претстојна криза на авганистанско-иранската граница.

Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC), која им помага на повратниците, соопшти дека многу Авганистанци пристигнуваат „само со облеката што ја носеа“ и дека „имаат итна потреба од храна, поддршка и медицинска нега“.

Меѓународната организација за миграција (IOM) и други групи обезбедуваат привремена помош, но не се доволно опремени за да обезбедат долгорочна поддршка.

Илјадници Авганистанци избегаа во Иран барајќи засолниште откако Талибанците се вратија на власт во 2021 година, а сега се соочуваат со прогон по нивното враќање.

Некои повратнички рекоа дека им била одбиена помош од страна на талибанските власти затоа што патувале без возрасен машки придружник. Иран е дом на околу шест милиони Авганистанци, од кои многумина се нерегистрирани бегалци од деценискиот конфликт во нивната земја.

Иако Техеран некогаш беше гостопримлив домаќин, режимот во мај им нареди на сите за кои вели дека се таму „нелегално“ да ја напуштат земјата до 6 јули или ќе се соочат со апсење.

Млад Авганистанец што живее во Техеран рече дека полицијата ги мачела неговите пријатели под обвинение за шпионажа.

„Четири од моите пријатели беа обвинети за шпионажа, однесени во камп и сурово мачени. Тие се невини мигранти. Тие беа извлечени од нивниот стан, брутално претепани, а еден едвај преживеа. Не знам каде се сега“, рече тој.

Друг рече дека неговиот татко бил уапсен и мачен неколку дена, повторно под сомнение за шпионажа.

„Го држеа без храна и вода, а потоа го депортираа во Авганистан. Тука се соочуваме со тешка ситуација“, рече тој.gb

Би можело да ве интересира

Иран не го отстрани збогатениот ураниум од целните локации пред американските напади

Иранците собираат пари за атентат врз Трамп

Иран: Најмалку 1.060 убиени во војната со Израел

Аракчи: Израелските напади врз Иран се предавство на дипломатијата, но САД можат да ја оживеат

Лавров: Русија е подготвена да земе високо збогатен ураниум од Иран

А1он

(ВИДЕО) Иранскиот претседател: Израел се обиде да ме убие, а не САД

А1он