На повеќето берзи во светот, цените на акциите паднаа минатата недела бидејќи инвеститорите стравуваат од ширење на кризата на Блискиот Исток, со оглед на ескалацијата на израелско-иранската војна.
На Волстрит минатата недела, Dow Jones доби 0,02 проценти, на 42.206 поени, а индексот Nasdaq доби 0,2 проценти, на 19.447 поени, S&P 500, од друга страна, се лизна за 0,2 проценти, на 5.967 поени.
На пазарите постои претпазливост бидејќи жестокиот ракетен оган меѓу Израел и Иран влезе во втората недела, а конфликтот би можел дополнително да ескалира бидејќи Вашингтон соопшти дека ја разгледува можноста за напад врз Иран.
Белата куќа минатата недела соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе одлучи во следните две недели дали САД ќе се вклучат во израелско-иранската војна.
Сепак, Трамп не чекаше толку долго, па рано утрово американски авиони бомбардираа три ирански нуклеарни објекти.
Инвеститорите беа фокусирани и на редовниот состанок на лидерите на американската централна банка минатата недела. Како што се очекуваше, Федералните резерви ги оставија каматните стапки непроменети, а претседателот на централната банка, Џером Пауел, повтори дека поради воведувањето на царини, очекува инфлацијата да се зголеми во наредните месеци, па затоа Федералните резерви не треба да брзаат со намалување на каматните стапки.
„Пауел јасно стави до знаење дека нема да ја менува монетарната политика сè додека не биде јасно како царините влијаеле на инфлацијата“, рече Питер Кардиљо, економист во „Спартан капитал секјуритис“.
И на европските берзи, цените на акциите паднаа минатата недела. Лондонскиот индекс FTSE ослабе за 0,7 проценти, на 8.774 поени, додека франкфуртскиот DAX се лизна за 0,7 проценти, на 23.350 поени, а парискиот CAC падна за 1,2 проценти, на 7.589 поени.