ВИДЕО: Русија трупа војска на границата со Финска

Од:

Нови сателитски снимки покажуваат значителна руска воена активност во близина на источната граница на Финска. Аналитичарите посочуваат дека во неколку клучни бази се зголемува бројот на сместувачки капацитети за војниците, се распоредуваат авиони и се гради нова инфраструктура, пишува Хелсинки тајмс.

Снимката беше објавена од шведската телевизија SVT, а направена е од компанијата Planet Labs. Покажува интензивна активност на четири локации: Каменка на Карелискиот Истмус, Петрозаводск, Североморск-2 и Олења. Според проценките, Русија го зголемува своето воено присуство во регионот како одговор на влезот на Финска и Шведска во НАТО.

Во Каменка, на само 60 километри од финската граница, од февруари 2025 година се подигнати повеќе од 130 воени шатори. Областа, која беше целосно празна во 2022 година, сега, според проценките, може да прими до 2.000 војници. Воениот аналитичар Емил Кастехелми оценува дека станува збор за „зголемување на активноста“ и задоцнето спроведување на мерките што Русија ги најави претходно како одговор на проширувањето на НАТО.

Во Петрозаводск, на околу 175 километри од границата, изградени се три големи складишта, секоја со капацитет за приближно 50 оклопни возила. Во изградба е четвртиот објект. Аналитичарите се сомневаат дека целта на овие објекти може да биде да се прикрие вистинскиот број на распоредени возила.

Понатаму на север, над Арктичкиот круг, се реновира поранешната воздухопловна база Североморск-2. На пистата веќе се видливи хеликоптери, а се верува дека пистата се подготвува и за борбени авиони со фиксни крила.

Нови активности се забележани и во воздухопловната база Олења, од која оперираат руски стратешки бомбардери. Според украински извори, бомбардери од Олења се користат за напади врз украински цели.

Шефот на шведската армија Мајкл Клаесон рече дека овие случувања се потврда на она што Русија го најавува како „воено-технички одговор“ на проширувањето на НАТО. „Кога аплициравме за членство во НАТО, Русија рече дека ќе преземе одредени мерки. Сега гледаме дека ги спроведува“, рече Клаесон.

Финска официјално стана членка на НАТО во 2023 година, поместувајќи ја границата на Алијансата директно во северозападна Русија. Како одговор, Финска ги зајакнува сопствените одбранбени капацитети и гради команден центар на НАТО во Лапонија, кој треба да биде оперативен до крајот на годината.

Иако Русија првично не одговори воено, новите сателитски снимки покажуваат дека во тек се систематски подготовки на нивната страна од границата. Овие активности се одвиваат паралелно со продолжувањето на руската инвазија на Украина и зголемената меѓународна контрола на воената ситуација во балтичките и арктичките региони. Воените претставници од Финска и Шведска велат дека внимателно го следат понатамошниот развој.

Би можело да ве интересира

Кремљ подготвува делегација за Истанбул, не кажува дали ќе оди Путин

ВИДЕО: Истече времето за одговор на Русија, Трамп може да им се приклучи на Путин и Зеленски в четврток

Катерина Ѓуровски

Кина го поддржа планот на Украина, Европа и САД

Катерина Ѓуровски

Нема преговори додека Русите не се повлечат: Украинските војници испратија барање до Зеленски

ВИДЕО: Може ли од Истанбул да почне крајот на голготата во Украина

Турција се приклучи на „коалицијата на спремните“, подготвена е да го надгледува мирот