Литванија и Латвија официјално го забранија летот на авионот од Србија до Москва на 9 мај, во кој требаше да биде и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Литванија изјави дека причината за забраната е од техничка природа, но и поради „дипломатска чувствителност“.
Поради, како што наведуваат, „политичка чувствителност за целта на летот“, латвиските власти го забранија прелетувањето на српскиот авион.
Министерството за надворешни работи на Полска денес објави дека Варшава дозволила авионот со словачкиот премиер Роберт Фиц да прелета над нејзина територија на рутата кон Русија, каде што треба да присуствува на прославите на Денот на победата.
„Бидејќи немаше формални меѓународни правни пречки, полската страна издаде дозвола за лет низ воздушниот простор на Република Полска“, се вели во соопштението на министерството.
Сепак, полското Министерство изрази критички став кон учеството на словачкиот премиер на прославата по повод крајот на Втората светска војна, која ја организира Москва, пренесува словачката агенција TASR.
„Тешко ни е да разбереме дека лидерите на земјите кои се декларираат како поддржувачи на мирот и противници на продолжувањето на воените операции би одлучиле да ја прифатат поканата на Владимир Путин, кој издаде наредба за напад врз соседна земја, започна неиспровоцирани воени дејствија и со тоа предизвика масовно раселување на населението, страдање и смрт на илјадници луѓе, цивили и војници, како и уништување и киднапирање на цивили, вклучително и деца“, соопшти министерството.
Пред Варшава да го одобри прелетот, министерот за надворешни работи Радослав Сикорски рече дека не размислувал двапати за дозволата за прелет бидејќи, како што рече, се надева на закрепнување на Фицо, додавајќи дека, сепак, верува оти поддршката на наративот на Путин во Москва не е добра идеја.