Масовни протести на Американците против Трамп

Од:

Десетици илјади луѓе излегоа на улиците низ Соединетите Американски Држави за да протестираат против претседателот Доналд Трамп и Илон Маск, кој раководи со Министерството за ефикасност на владата. Протестите, познати како „50501“, што значи „50 протести, 50 држави, 1 движење“, се одржаа на 250-годишнината од почетокот на Американската револуционерна војна.

Од собирите пред Белата куќа и Тесла до центарот на многу градови, демонстрантите го изразија своето незадоволство за различни прашања. Многумина бараа враќање на Килмар Абрег Гарсија, кој по грешка беше депортиран во Ел Салвадор.

Од раните утрински часови демонстрантите се собраа во Вашингтон, Њујорк и Чикаго, а протести се одржаа и во сојузните држави како Мериленд, Висконсин, Тенеси, Јужна Каролина, Охајо, Кентаки, Калифорнија и Пенсилванија. Американците протестираа и во странство, вклучително и во Даблин и во неколку други градови. Во Вашингтон протести се одржаа во паркот Френклин и пред домот на Џеј Ди Венс.

Во Масачусетс учесниците носеа транспаренти со пораки како „Сега е наш ред да се бориме против тиранијата“ и „Фашистите доаѓаат, фашистите доаѓаат“. Портпаролката на движењето 50501, Хедер Дан, рече дека целта на протестот е „да се заштити демократијата од зајакнувањето на авторитаризмот под владеењето на Трамп“.

Таа го опиша движењето како „продемократско, проуставно, против злоупотреба на извршната власт, ненасилно и непартиско движење“. „Меѓу нас има регистрирани демократи, независни гласачи и републиканци – сите заедно маршираме затоа што веруваме во Америка, во праведна влада која ги става луѓето пред профитот“, рече таа за Вашингтон пост.

Политичките протести во САД стануваат се почести. Протестите на почетокот на април собраа десетици илјади граѓани ширум земјата. Според најновата анкета на Галуп, 45 отсто од гласачите го одобруваат настапот на Трамп во првиот квартал од неговиот мандат, што е повеќе од 41 отсто што го одобрувале во истиот период за време на првиот претседателски мандат. Сепак, таа поддршка е сè уште значително помала од просекот од 60 проценти за сите претседатели избрани меѓу 1952 и 2020 година.

Би можело да ве интересира

Европа договори преговарачки тим за Украина: Пет земји и институциите на ЕУ ќе разговараат со Русија и САД

(ВИДЕО) Трамп: Сакам да ја решам Куба пред да заминам, не ја исклучувам воената опција

Трамп ја номинира Кристи Мекормик за нова амбасадорка на САД во Македонија

ВИДЕО: Трамп нарече глупак новинар кој го праша до кога ќе му попушта на Путин

(ВИДЕО) Републиканец покрена импичмент на Хегсет: Можеби сега ќе ги нарекува луѓето дебели и пе*ери“

(ВИДЕО) Трамп: Омразата меѓу Путин и Зеленски е главната пречка за мир, Украина ќе има поинакви граници