Изрекувањето на пресудата против лидерот на српските радикали Воислав Шешељ во Хашкиот трибунал повторно е одложено и процесот нема да заврши до крајот на овој месец, како што претходно се очекуваше, истакна во извештај пред
Генералното собрание на ОН претседателот на Трибуналот Теодор Мерон. Тој изјави дека причина за одложувањето е изземање на еден од судиите во ова дело по барање на обвинетиот.
– Претстојат нови одлуки за ова дело и се надевам дека повеќе детали во врска со него ќе бидат изнесени во ноемврискиот извештај пред Советот за безбедност, нагласи Мерон.
Претседателот на судот во Хаг потврди дека останатите недовршени судски процеси против поранешниот претседател на самопрогласената Република Српска Краина, Горан Хаџиќ и поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ треба да завршат до 2015 година, додека процесот против поранешниот командант на армијата на босанските Срби, Ратко Младиќ до средината на 2016 година.