Реакции по доделувањето на Нобеловата награда за мир

Од:

Светските медиуми денеска оценуваат дека со изборот на Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW), која го надгледува уништувањето на сирискиот хемиски арсенал и производствена опрема за добитник на Нобеловата награда за мир, Сирија повторно дојде во центарот на светското внимание. Исто се оценува и дека на овој начин наградата се вратила „кон своите корени“, односно кон разоружувањето.

Кога станува збор за политичарите, една од првите реакции дојде од Сирија, и тоа од официјален Дамаск. Фајез Сајег, член на парламентот од БААС партијата на претседателот Башар ал Асад, оцени дека доделувањето на Нобеловата наградата на OPCW го истакнува кредибилитетот на Владата во Дамаск и нејзините намери да го уништи својот „токсичен арсенал“. Тој уште рече дека наградената организација би требало да работи на ослободување на целиот Блиски исток, вклучувајќи го и Израел, од оружјето за масовно уништување.

Сириските бунтовници оценија дека наградата е „избрзан чекор“ кој ќе го пренасочи вниманието на светот од вистинската причина за војната. Ловјал Сафи, претставник на опозицискиот блок, изјави дека е погрешно гледањето дека наградата ќе придонесе за мир во Сирија и во регионот.

Нобеловиот комитет образложи дека OPCW ја добива наградата за интензивните напори да го ослободи светот од хемискиот арсенал. „Неодамнешните настани во Сирија, каде хемиското оружје повторно е ставено во употреба, ја нагласија потребата да се зајакнат напорите да се отстрани овој вид на оружје“, наведе Комитетот.

Американскиот државен секретар Џон Кери му честиташе на OPCW, истакнувајќи ја храброста на инспекторите и организацијата и одлучноста да ја ослободат Сирија од оружјето за масовно оружје.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков не сакаше да го коментира доделувањето на Нобеловата награда за мир. Сепак, од Москва се огласи парламентарецот Вјечеслав Никонов од владејачката Единствена Русија, кој го пофали овогодинешниот избор.

– Ова е еден од најдобрите избори на Нобеловиот комитет во историјата…Овој пат не сакаа да направат грешка, бидејќи грешки имаше премногу, оцени Никонов.

Францускиот претседател Франсоа Оланд оцени дека изборот на овогодинешниот лауреат е „поддршка на меѓународните напори за уништување на сирискиот арсенал хемиско оружје“.

Шефот на германската дипломатија Гвидо Вестервеле оцени дека наградата е заслужена поради долготрајната работа и храбрата посветеноста на разоружувањето.

Канцеларката Ангела Меркел ги пофали инспекторите на OPCW и рече: Посветеноста на службениците на оваа организација е вредна за почит…Нобеловата награда за мир е за секој од нив“.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун оцени дека наградата е доказ за заканата која ја претставува забранетото вооружување.

– Ова признание доаѓа речиси 100 години после првиот хемиски напад и 50 дена после употребата на хемиско оружје во Сирија. Далеку од тоа дека е реликт од минатото – хемиското оружје останува јасна и присутна опасност, се наведува во честитката од Бан.

И највисоките функционери на Европската унија Жозе Мануел Баросо и Херман ван Ромпуј упатија срдечни честитки за OPCW, а претседателот на Европскиот совет ја искористи можноста за да ги повика сите држави кои се уште не ја потпишале и ратификувале Конвенцијата за забрана на хемиското оружје од 1997 година тоа да го сторат.

OPCW е извршно тело на меѓународната Конвенција за хемиско оружје и основана е во 1997 година, со седиште во Хаг.

Парите од наградата оваа Организација ќе ги искористи за напорите за уништување на хемиското оружје, соопшти нејзиниот генерален директор Ахмет Јузмјуџу. Тој изрази надеж дека наградата ќе го охрабри светот во спречувањето хемиски напади како оној во Сирија.

Доделувањето на Нобеловите награди завршува во понеделник, 14 октомври, кога ќе биде познато кој ќе биде добитник на оваа престижна награда за економија.

Би можело да ве интересира

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

Сирија: Израел изврши воздушен напад врз областа на античкиот град Палмира

(ВИДЕО) Турција ги нападна Курдите во Ирак и Сирија во знак на одмазда за терористичкиот напад кај Анкара

Горан Наумовски

ВИДЕО: Израел погоди станбена област во Дамаск, меѓу загинатите има жени и деца

Катерина Ѓуровски

Иран го предупреди Израел: Ќе ви одговориме уште посилно, ставете не во искушение

Во израелски напад на Дамаск загина и познатa сириска новинарка