Војната во Украина е само еден елемент од глобалната војна на „слободниот свет против диктатурите“, предупреди Гари Каспаров, познатиот руски шахист.
Зборувајќи за војната во Украина, познатиот шахист рече дека линиите на конфликтот во таа војна биле „јасни од самиот почеток“: диктатура и тиранија од една страна и либерално демократско уредување од друга страна.
Каспаров смета дека денес Русија е изложена на ризик „да стане кинески сателит“, а Кина е „единствената земја која има територијални претензии кон Русија“ и тоа е околу 1,5 милиони квадратни километри, „од Владивосток до Бајкалското Езеро“.
Познатиот шахист рече дека „Кина со големо задоволство ја следи оваа војна бидејќи ја ослабува и Русија и слободниот свет“, а таа е надвор од фокусот. Каспаров се уште не ја гледа стратегијата на демократскиот дел од светот за победа на Украина.
-Таа победа мора да вклучува целосно враќање на освоената територија, вклучително и Крим, воени репарации и гонење на воените злосторства, рече тој.