Соединетите Држави испраќаат носач на авиони, борбена ескадрила и дополнителни воени бродови на Блискиот исток во очекување на иранската одмазда за атентатот на лидерот на Хамас претходно оваа недела во Техеран, јавуваат светските агенции.
Како што пренесува CNN, ова се најголемите маневри на американските сили во регионот од првите денови на војната во Газа, кога Пентагон испрати две борбени групи на носачи на авиони на Блискиот Исток. Тоа беше очигледно предупредување до регионалните милитантни групи под покровителство на Иран да не ги шират борбите.
„Го слушнавме иранскиот врховен лидер јасно и гласно, тој рече дека има намера да се одмазди за убиството на лидерот на Хамас во Техеран, односно дека сака да изврши уште еден напад врз Израел“, изјави Џон Кирби, шеф на Совет за национална безбедност во администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден. „Не можеме само да претпоставуваме дека и ние потенцијално ќе бидеме жртви на таков вид на напад, затоа мораме да се погрижиме да ги имаме соодветните ресурси и воени капацитети во регионот.
Вчера, секретарот за одбрана на Бајден, Лојд Остин, наредил борбената група на носачот на авиони УСС Абрахам Линколн да ја замени ударната група УСС Теодор Рузвелт, која моментално оперира во Оманскиот залив, објави Пентагон.
Заедно со носачот на авиони, на Блискиот Исток и Медитеранот ќе бидат испратени и американски разурнувачи и крстосувачи способни за одбрана од балистички ракети. Во соопштението не се наведува кои воени бродови биле испратени, но два американски разурнувачи во источниот Медитеран учествувале во пресретнувањето на нападите што ги започна Иран против Израел во април.
Остин, исто така, нареди распоредување на ескадрила борбени авиони во регионот, соопшти Пентагон. САД веќе го имаат амфибискиот брод USS Wasp во регионот, кој оперира со поморските експедициски сили, способни да ги евакуираат американските граѓани во Либан доколку им се нареди.
„Глобалната одбрана на Соединетите Држави е динамична и Министерството за одбрана ја одржува способноста да се распореди на краток рок за да одговори на заканите за националната безбедност кои се развиваат“, се вели во соопштението на Пентагон.
Иран вети дека ќе го нападне Израел поради атентатот на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Ханије во Техеран. Израел не го коментираше убиството.
Американските власти рекоа дека очекуваниот ирански напад би можел да се случи во наредните денови, а САД внимателно ја следат ситуацијата во регионот за какви било индикации за тоа како и кога точно може да започне.
Официјални лица изјавија дека нападот може да биде извршен со балистички ракети и беспилотни летала. Иран започна таков напад против Израел во април. Но, новиот напад би можел да биде поголем и покомплексен, координиран со проиранските милитанти во регионот, јавува Си-Ен-Ен.
Водачот на Хезболах, Хасан Насралах навести дека координиран напад откако Израел уби еден од главните команданти на групата поддржана од Иран во Бејрут помалку од 24 часа пред убиството на Ханија.
Откако почнаа да се тепаат со сите, не знаат од каде ќе дојде одговорот…одговорот ќе дојде одделно или координирано“, рече тој во завчерашниот говор.