По 11 години истражување, пензионираниот детектив Тревор Мериот од Бедфоршир во Англија, тврди дека го пронашол злосторникот кој стои зад името Џек Мевосек.
Мериот верува дека виновник за убиствата е германскиот морнар Карл Фигенбаум.
Мериот за британскиот сајт „Икспрес“ изјавил дека до овој заклучок дошол низ анализа на документите и високо технолошките форензички експерименти. Тој исто така тврди дека Холивуд и бројните митови „искривиле“ бројни факти за случајот низ текот на годините.
Она што е вистина е дека петте жени: Мери Ен Николс, Ени Чепман, Елизабет Страјд, Кетрин Едоуз и Мери Џејн Кели, се избодени во Лондон помеѓу 31 август и 9 ноември 1888 година. Според најголемиот дел од исказите, жртвите биле проститутки и дека ги убил ист човек.
Истрагата која ја спровел Мериот со цел да ја дознае вистината, воопшто не била лесна. Тој пред суд дури ја извел и „Скотланд Јард“ во 2011 година, за да ја натера агенцијата да му ги предаде илјадниците документи кои се однесувале на случајот.
Тој од тој момент полека почнувал да доаѓа до Фајгенбаум, морнарот чии што бродови често биле закотвени во близина на местото во кое нерешените убиства се случувале.
Најважниот податок е фактот што адвокатот на Фајгенбаум, Вилијам Лотон, еднаш на репортерите им изјавил оти верува дека неговиот клиент ги признал злосторствата, тврдејќи дека болеста го натерала да ги убие тие жени. Тој навистина во еден момент е осуден и погубен поради неповрзано убиство во Њујорк 1894 година.
Меѓутоа, критичарите истакнуваат дека теоријата на Мериот не е баш најцврста и нагласуваат дека тој го дели проблемот со другите истражувачи за Џек Мевосек – недостаток на конкретни докази.