Во судството владее тешка корупција. За да се спречи тоа, бара распуштање и ревизија на имотот на судиите. Ние бараме да се воведе доживотна и смрттна казна за сите што ја пљачкале Македонија, вели во интервју на А1он претседателот на Демократи, Јорго Огненовски.
„Ние сметаме дека треба да се распуштат сите судии, да кажеме во следните три месеци запираат сите предмети и судиите да ги избереме на непосредни избори, да знаеме кои се тие луѓе. Истото да се направи и во Обвинителството и секако во полицијата. Ние се залагаме да се зголемат казните, а не да се намалуваат од десет на три години и да застаруваат делата и најстрашно, кога некој украл милиони и му застарува делото. Ние како Демократи ќе бараме Закон за потекло на имотот од 1991 година и да се конфискува се што е криминално стекнато. Треба сите да се обединиме во Демократи и да ставиме крај на корупцијата. Корупцијата е уште пострашна од политичките криминалци, треба да се донесе Закон, да имаме доживотни и смртни казни за сите што ја пљачкаат Македонија и што го пљачкаат овој народ. Зборувам за луѓе што крадат огромни суми на пари, па нека му ја мислат“, посочи Огненовски.
Смета дека треба да се намали јавната администрација, да се намалат парите за репрезентација, но и многу други места каде што може да се скрати од трошење на државните пари.
„Треба да се искорени партиско вработување. Ние како партија, независно дали имаме 80, 90 пратеници, не треба да бараме директорски места, тоа треба да се искорени. Директори и вработени во јавни фирми треба да се бираат по квалитет и стручност. Ние тоа сакаме да го искорениме, а овие партии што влегуваат во коалиции со ВМРО-ДПМЕН и СДСМ тоа сакаат да го искористат, за директорски места ја продаваат Македонија, вели Огненовски.
Застапник е на идејата за една изборна единица, но сметка дека нема да се оствари тоа додека на власт се СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема да се оствари бидејќи не е во нивен интерес. И 120 пратеници се многу. Ние се залагаме за 27 пратеници, заота што во САД има 100 сенатори на 350 милиони жители“, рече Огненовски.
Тој кажа дека подготвувале Фронт во кој ги повикале сите партии освен СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициони партнери, но на крајот тие партии отишле самостојно на избори или во коалиции со други политички партии.
„Партиите потоа си отидоа сами, дел во коалиции, веројатно сакаат да бидат под овие политички партии и да ги уценуваат со некој пратеник ако земат на изборите. Затоа тоа го направија. Тие се лажни македонски патриоти. Ние стигнавме до момент дека ќе соработуваме, дека сакаме да направиме Фронт. Намерите на овие луѓе не се чисти и не се добри за Македонија. Тие се навистина лажни македонски патриоти, зошто не сакаа да направиме моќен Фронт за да направиме опозиција, но опозиција не може да биде ВМРО-ДПМНЕ, ако не се во власта, тие имаат градоначалници. Левица имаше двајца пратеници, лупаат, кршат“, кажа Огненовски.
Според него, граѓаните треба на референдум да одлучуваат дали Преспанскиот договор треба да биде поништен.
„Лага и манипулација е дека нешто ќе се поништи со еден документ. Ние како Демократи велиме, треба за се да се прашаат граѓаните. Треба да се слушне гласот на народот. Референдум сакаме да воведеме за сите прашања, името и сите капитални проекти треба да се носат на референдум. Мора народот да одлучува, бидејќи на овие 120 пратеници ние не им веруваме. Процесот за враќање на името, излегување од НАТО е многу комплициран и мора да се каже тоа на народот“, рече Огненовски.
Според претседателот на Демократи, народот мора да одлучи на кого ќе го даде гласот на чесни политичари, а не на оние кои 33 години владеат со државата. Смета дека имаат пречки кога станува збор за изборите.
„Настапивме на парламентарните избори 2020 година, на локалните избори во 2021 година. Не опструираат многу. Не бевме известени за многу работи, меѓу кои и за делење на билбордите, кои потоа им припаднаа на други партии. Се случуваат пречки невидени“, додаде Огненовски.
Тој вели дека во Македонија има многу регистрирани политички партии, а најголемиот дел од нив се во коалиции со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ. Самите тие како Демократи добиле понуда да влезат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но одбиле. Во изборната кампања ветуваат поголеми плати на лекарите, помали клинички центри на 12 локации низ Македонија, но и на повеќе локации во Скопје.
„Ние стварно се бориме да имаме повеќе клинички центри и секако, да го плаќаме медицинскиот персонал. Ние велиме да се зголемат платите 100 отсто и повеќе. Некои врвни стручни лица да имаат неограничени примања. Ако некој хирург прави повеќе операции во текот на денот, нека зема и 12 илјади евра. Кога ќе менаџираме со државата, ќе имаме државна веледрогерија, да правиме конкуренција на приватните“, вели претседателот на Демократи.
Погледнете го целото интервју на А1он со претседателот на Демократи, Јорго Огненовски во кое зборува за парламентарните избори, програмата на партијата, но и за состојбите во Македонија.