Законот за политички партии не дозволува Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти да делува во Македонија, бидејќи во членот 8 од Законот за политички партии е наведено: „Политички партии регистрирани во други земји не можат да дејствуваат на територијата на Република Македонија“.
Сепак, претседателот на Деморкатското движење, Изет Меџити за А1он вели дека Самоопределувње веќе делува во Македонија, бидејќи Беким Ќоку, кој е од Струга, работи како советник на Курти и е член на Самоопределување. Но, не кажува дали Ќоку ќе се најде на листите како независен кандидат, бидејќи движењето Самоопределување не постои во македонскиот правен систем.
„Тие веќе делуваат во Македонија, пример Беким Ќоку е советник на премиерот Курти, тој е стружанец. Движењето Самоопределување делува и сега. Ќоку бил пратеник и претходно од Алијансата за Албанците, а сега ќе биде на нашите листи. Тие немаат формирано политичка партија, човекот е државјанин на Македонија, ама е советник на Курти и е член на Самоопределување“, вели Меџити за А1он.
Дека Самоопределување ќе биде дел од коалицијата „Европски сојуз за промени“ во неделата најави самиот Меџити, кој посочи дека со влегувањето на Самоопределување, коалицијата веќе се состои од четири политички партии, од кои три од Македонија и една од Косово.