Бев да берам дренки, најдов некоја и си седнав на пат, стапчето го оставив до мене, а одеднаш се појави мечка. Вака седумдесет и шестгодишниот Минче Рамчески од Пласница ја раскажува приказната за нападот од мечка во Горно Село.
Мечката го каснала за левата слабина, а тој почнал веднаш да бара помош. Откако ловџии почнале да пукаат во воздух, мечката избегала.
„Полека со стапчето појдов и стигнав до Горно Село, тоа старо село е. Тука барав дренки, најдов понекоја и седнав на патот. Така си седев, кога одеднаш, не знам како се најде тука, пред мене се појави мечката. Ме турна, ме легна долу и јас само се пазев. Сакав да ѝ дадам отпор, ама не можев, што да правам. Се исплашив многу. Кога ме турна почнав да викам „помош, помош, помош“. Не ме држеше многу, не поминаа три секунди и веднаш си замина. Бев многу исплашен, ми течеше крв. Така останав здрвен некое време, па се освестив“, раскажува Рамчески.
Потоа телефонски побарал негов соселанец кој, пак, веднаш дошол на местото за да му помогне.
Овој разговор го објави Центарот за управување со кризи, а го води директорот Стојанче Ангелов. Рамчески на Ангелов му се жали дека досега никогаш не видел мечка во неговото село.