За над 200 илјади основци и средношколци денеска почнува учебната 2023/2024 година која, со одлука на Владата, првпат ќе заврши на 17-ти наместо на 10 јуни. Покрај зимскиот, учениците ќе имаат и пролетен распуст, од 29 април до 5 мај 2024.
Согласно Концепцијата за основно образование, која етапно се применува од 2020-та, во оваа учебна година по нови наставни програми ќе учат учениците во трето и во шесто одделение и поради тоа се изработуваат нови учебници.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера соопшти дека доцнење ќе има само на учебниците за шесто одделение кои се во фаза на одобрување и очекува да бидат испорачани во текот на септември.
Покрај пролетниот распуст и продолжената учебна година, новина е и примената на нов е-дневник, изготвен со поддршка на ЕУ преку ИПА-фондови. Тој е во фаза на тестирање и, како што соопшти Шаќири, паралелно се прават обуки на администрацијата во 40 училишта во кои ќе се примени како пилот-проект додека се потврди неговата функционалност.
Во новата учебна година ќе има и нови безбедносни мерки во училиштата. Шаќири соопшти дека со Министерството за внатрешни работи ги дефинираат, како што рече, „потребните насоки за сите училишта и сите ќе бидат известени од страна на МВР“.
По денешниот старт на учебната година, наставата ќе трае до 29 декември кога завршува првото полугодие. Од 30 декември учениците ќе бидат на зимски распуст, а второто полугодие од оваа учебна година ќе го почнат на 22 јануари.