Напаѓачот кој пукал кон таткото на Самоил Костадиновски внук на Љубе Бошкоски кој исчезна пред четири месеци, го сторил тоа во движење на мотоцикл додека Љупчо се враќал од градинка каде што ја оставил внуката, дознава „А1он“.
Неофицијално, напаѓачот точно знаел кога се движи Љупчо Костадиновски од градинка кон дома и додека бил во движење пукал, но најверојатно паднал од мотоциклот, пиштолот му паднал на улица, а тој избегал.
Од МВР се уште се на терен каде што се врши увид, а таткото на исчезнатиот Самоил е пренесен на Клиниката „Мајка Тереза“ за да му се укаже лекарска помош.
„Денеска во 08.38 во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Аеродром едно лице пукало и го повредило Љ.К(57) пред неговиот дом. Повредениот бил пренесен во комплекс клиники ,,Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. Полициски службеници излегле на местото и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, потврдија за „А1он“ од МВР.
Костадиновски, кој е внук од сестра на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, исчезна на 4 март. Тој последен пат бил виден во близина на Чешката амбасада на Водно, како влегува во автомобил, во кој имало уште неколку лица.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски пред отприлика еден месец соопшти дека истрагата за Костадиновски е сè уште во тек и се преземаат низа криминалистички дејствија.
Тоа што е досега познато, како што посочи министерот, е дека се упасени две лица во однос на овој предмет и дека е поднесена кривична пријава за грабнување.
Таткото на Самоил, Љупчо Костадиновски во обраќања до јавноста нудеше парична награда за пронаоѓањето на неговиот син. Тој не престана да го бара своето дете и овој случај најверојатно се поврзува со исчезнувањето на Самоил.