Седумдесет и шестгодишна жена утрово е пронајдена мртва во нејзиниот дом на улицата „Ѓурчин Кокале“ во скопската населба Ѓорче Петров. Ја пронашла нејзината ќерка, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт со видливи траги на насилство, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Случајот бил пријавен во полиција во 9:18 часот. На местото бил извршен увид, а за настанот бил известен јавен обвинител.
По насоки на обвинителот, телото на починатата е дадено на обдукција за утврдување на причините за смртта.
Секторот за внатрешни работи Скопје презема мерки за расчистување на случајот.
Ова е втор случај во изминатите пет дена во скопската населба Ѓорче Петров во кој е пронајдено починато лице со траги на насилство. Во претходниот случај, 62-годишен маж беше пронајден мртов во својот дом, а лекар констатирал смрт со траги на насилство.
За да се утврди евентуална поврзаност меѓу двата случаја, треба да биде пронајден сторилте, одговараат од Јавното обвинителство, на прашањето за можна поврзаност меѓу двата случаја.
