Пренасочувањето на сообраќајот од Охрид кон Струга по стариот пат поради извршување на градежни работи на автопатот во изградба, како и целосното затворање на влезот на Охрид во ек на туристичка сезона, ќе направи огромни штети врз туризмот, сметаат Општината и туристичките работници.
„Во очи на почеток на летната туристичка сезона да се затвори главниот приод кон Охрид е погубна одлука, бидејќи со тоа значајно ќе се намали бројот на гости кои што ќе престојуваат во Охрид, имајќи предвид дека тој пат води и до Охридскиот аеродром. Со ваквата одлука, голем број на семејства чија главна егзистенција е туризмот ќе останат без приходи. Тука, исто така, се создава проблем и кај хотелиерите, бидејќи постои веројатност веќе закажаните резервации да ги откажат и тие да останат без приход. Имајќи предвид дека изминатите неколку години беа тешки години за туризмот и турстичките работници, ова би значело крах на туристичкиот сектор во Охрид, а воедно и во Македонија“, стои во дел од дописот.
Поради големата фреквенција, пренасочувањето создава проблем и за возилата за специјална намена и брза помош, полиција и противпожарни возила.
„Знаејќи дека токму на тој пат е лоцирана Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија ‘Св. Еразмо’ која што е регионална, создава проблем кај родителите кои своите деца мора да ги носат за терапија или итни прегледи на Детското одделение во Општата болница во Струга. А, се создава проблем и за ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања – Охрид, каде за успешно лекување на пациентите потребна е брза реакција“ се наведува во барањето.
Градоначалникот и туристичките работници заеднички упатија барање до Министерството за транспорт и врски, градежните работи на делницата да се одложат од септември натаму.
– Не станува збор за последни километри од автопатот и затоа бараме да се одложи до септември. Ова го барам заедно со туристичките работници и транспортните претпријатија. А ги забораваме и тешките камиони кои се движат од Албанија во правец кон Битола. Ќе имаме големи проблеми во туристичката сезона. Еден чартер од аеродром е еднаков на четири автобуси со патници. Да биле последни километри ќе ги издржевме, но со оглед на динамиката на греадење на автопатот се сомневам дека овој дел ќе се заврши за 45 дена. Едно е да се влегува во градот преку три артерии и со три ленти, а друго е да се влегува преку една лента – рече градоначалникот Пецаков.
Нејасни се реакциите на градоначалникот на Општина Охрид за стопирање на градежните работи на автопатстката делница од Подмоље кон Охрид, велат во реакција од Министерството за транспорт и врски.
„Поддршката од централната власт кон Општина Охрид е огромна, како никогаш досега, а реакциите на градоначалникот на општината се лицемерни и неприфатливи посебно кога станува збор за истиот градоначалник кој постојано повикува на забрзување на градежните работи на истиот автопат. Автопатската делница од Кичево до Охрид се гради со потребната динамика и нема да дозволиме ничија опструкција да ја блокира реализацијата на овој проект, велат од Министерството.