Професорот д-р Сашко Јовев ги откри причините за неговото разрешување од функцијата директор на државната кардиохирургија откако доби силен аплауз од вработените на клиниката и од дел од пациентите.
– Очекував ваква поддршка, знам што правам цел живот и што правиме сите тука 24 часа дневно. Ова е само дел од поддршката, не сакаме да прерасне ова во нешто друго и да се исполитизра. Ова е мојот тим кој прави чуда и не спие 24 часа, овде се некои од нашите пациенти врз кои се направени операции. Се јавија околу 1.300 пензионери, пациенти и поддржувачи, им рековме да не доаѓаат. Во оваа држава мора да победи правдата, не сакаме политика, се бориме за професионалност, за она што се жртвуваме целиот овој тим.
Јас обично кога давам изјави не читам, кога им предавам на студентите не читам, но ќе прочитам неколку збора поради колегите. Јас во 35 години кариера не сум земал ниту еден ден боледување, но минатата недела имав такви притисоци што морав да се тргнам малку и морав да земам некој ден и денес се вратив.
Имав притисок дека сум направил грешка при еден настан. Имавме прекрасен настан, беа поканети сите, но се случи тоа да бидат уредно поканети сите, освен министерот кој сметал дека добил доцна покана – откри Јовев.
Тој им порача на министерот Меџити и на Владата да ја преиспитаат својата одлука.
„Овој тим е пример за вистински мултиетнички колектив. Го повикуваме уште еднаш министерот и Владата да ја преиспитаат одлуката за разрешување, цврсто стоиме на ставот дека тимот кој победува не се менува, да ја оставиме политиката на страна и да ги оставиме професионалнците да си ја вршат работата. Успесите на оваа клиника се и државни успеси. Сакам да кажам дека на оваа клиника се работи 24/7. Една од замерките е дека некој не се откуцал со картичка оти бил расипан апаратот и сме немале време да го поправиме. Па ако колегите се откуцуваат колку што работат, нема да можеме да ги платиме – рече Јовев.