Кандидатот кој ќе биде избран за помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, Артан Груби, ќе заработи прилично висока сума за канцелариската работа за време на петгодишната изградба на четирите делници од коридорите 8 и 10.
Основна плата од 70.052 денари ќе заработува кандидатот кој ќе го добие ова работно место кое е дел од конкурсот што Јавното претпријатие за државни патишта го распиша, а се однесува на привремени вработувања на работници за изградба на четирите делници од коридорите 8 и 10.
Огласот е за определено време до 22 јануари 2028 година колку што е планирано да заврши проектот, што значи дека избраниот кандидат за речиси пет години ќе заработи 3.992.964 денари или 65.000 евра нето плата за 57 месечен ангажман.
Асистентот на Груби треба да има завршно високо образование од областа на инженерство и технологија или градежништво и да има најмалку шестгодишно искуство во струката. Одлично треба да го познава англискиот јазик и програмите за канцелариско работење.
Според Правилникот на ЈПДП кандидатите за работни позиции мора да се македонски државјани и активно да го користат македонскиот јазик, а тоа значи дека помошникот на Груби како главен координатор не може да биде инженер од странство.
Помошникот мора да има општа здравствена способност за работното место и со правосилна судска пресуда да не му е изречена забрана на вршење професија, дејност и должност.
Државни патишта објави оглас уште за 27 работни места поврзани со изградбата на автопатите кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“.
За местото координатор на единицата за подготовка на проектот се бара кандидат кој треба да има диплома од факултетите за општествени науки и за ова место е предвидена нето плата од 60.005 денари.
Координаторот пак на единицата за техничка изведба на проектот кој треба да биде градежен инженер ќе работи на коридорите за плата од 65.029 денари.
Плати од 29.866 денари ќе заработуваат и двајца возачи кои треба да имаат најмалку средно образование, а за иста плата се бараат и двајца администратори.
За специјалисти што треба да прават експропријација на имот за потребите на „Бехтел и Енка“ услов е да имаат завршено високо образование од општествените науки. За 40 часа неделно им се нуди плата од 45.045 денари. Оваа плата ќе ја добиваат и по еден преведувач и известувач од проектот.
Градежните инженери со искуство од три години може да се пријават на петте работни позиции Специјалист за инвестиции и градба на патишта за плата од 55.037 денари. Оваа плата е наменета и за позициите урбанист, геодет, електроинженер и сообраќаен инженер.
Огласот трае до 25 април, а изборот може да трае од 45 до 120 дена во зависност од бројот на кандидатите. Според конкурсот на ЈПДП, за кандидатите ќе одлучува посебна комисија.
ЈПДП го распиша огласот според постоечкиот правилник за систематизација кој вели дека вработените ќе работат само 40 часа неделно што е право загарантирно и со Уставот, додека пратениците од власта предложија законски измени за 60-часовна недела за да му се помогне, како што сметаат, на изведувачот да заврши во пократок временски рок.