Вештак од областа на информатички технологии сведочеше за „Софтвери“

Од:

На предлог на одбраната, во Основниот кривичен суд Скопје во врска со случајот „Софтвери“ беше испитуван сведокот Мирослав Котевски, технички советник, вешто лице од областа на информатички технологии.

Котевски претстави повеќе меѓународни документи според кои се врши дигитална форензика и зборуваше за метадата на дигитални докази. Анализираше повеќе документи и нивните домеини. Според него, доказите на обвинителството имаат неколку извори од каде што се земени податоците и креирани доказите.

– Документите се направени на различни компјутери, креирани во три различни датуми, рече тој.

Вештакот презентираше како би требало да изгледа електронска комуникација, со конкретни податоци, за разлика од презентираните докази на обвинителството, кои, за него, како што рече „се многу чудни“.

Прашан „дали може да ни кажете согласно сето ова, кои процедури се прекршени при креирање на овие форензички процеси и дали таквите докази, според вас, може да ги третираме како релевантни или како докази на кои што не им е нарушен интегритетот“, вештото лице одговори дека според она што го презентираше, не гледа дека постапката е извршена правилно.

– Според ова што го презентирав и доказите што мене ми беа доставени, не гледам дека целата постапка е извршена правилно, на форензички исправен начин, според постапките на дигитална форензика, рече тој.

Појасни дека според тоа што го имал како материјал за разгледување во однос на овој процес, како што рече, уредите не се транспортирани на безбеден начин, не постои документација за предавање на истите од лице на лице, не постои документација како биле предадени УСБ мемориските уреди, ниту дали постоела соодветна заштита.

– Не постои евиденција за тоа кој сѐ имал пристап до просторијата каде што се врши екстракција и каде што се чуваат уредите и не се направени резервни форензички копии по завршување на истрагата, рече тој.

Потоа јавната обвинителка, Ивана Трајчева, пристапи со вкрстено испрашување со кое го испитуваше вештото лице во однос на наодите од вештиот наод и мислење.

Прашан дали ќе се согласи дека содржината на пораките во ПДФ документите и Репортот 1 е идентична, тој одговори дека содржината на пораките не била предмет на вештачење.

Вештакот одговори и на неколку прашање во однос на меѓународните документи според кои го има вршено вештачењето.

Според обвинението, првообвинетиот, Драги Рашковски, не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.

Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”, а лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева. Судењето продолжува по паузата.

Би можело да ве интересира

Укинат куќниот притвор за Драги Рашковски

Катерина Ѓуровски

Рашковски доби куќен притвор и забрана да комуницира со тројца од обвинетите во „Софтвери“

Осуден во „Софтвери“ ја запроси девојката во судница: „Прекрасен момент, нека ви е со среќа“, им честиташе судијката

A1on

Осум години затвор за перење пари, местење тендери за Рашковски – Пресуда за „Софтвери“

Анита Петровска Рајковиќ

Во Кривичен денеска ќе биде објавена пресудата за случајот „Софтвери“

Пресуда за случајот „Софтвери“ на 6 јули

Ана Ололовска