Шамима Бегум, Британката која се приклучи на Исламската држава во Сирија како средношколка, ја изгубила правната битка откако Велика Британија и го одзеде британското државјанство, објавија британските медиуми.
Овој пораз значи дека таа нема да може да се врати во Велика Британија, пишува Sky News.
Шамима Бегум, по потекло од Бангладеш, го напуштила Лондон во 2015 година на 15 години и со две другарки од училиште отпатувала во Сирија преку Турција. Во Сирија се омажила за борец на Исламската држава и живеела во Рака, главниот град на самопрогласениот калифат на џихадистичката група. Таму останала четири години, додека не била пронајдена во логорот. Откако ја напуштила Британија, таа родила три деца, но сите три оттогаш починаа.
Британското Министерство за внатрешни работи и го одзеде државјанството во јули 2019 година, а судот и забрани да се врати во земјата.
И покрај нејзините молби, Министерството за внатрешни работи минатата година рече дека останува на својата одлука бидејќи таа може да биде безбедносна закана. Бегум ја обжали одлуката и денеска нејзината жалба беше одбиена.