Јовановиќ: Владата да ги спречи фирмите да остварат екстра профит во време на криза, а не само да им го оданочува

Од:

Предлогот на закон за данок на солидарност со кој се предвидува фирмите кои оствариле екстра профит во услови на криза еднократно да платат данок на солидарност, денеска ќе се најде на собраниска седница и ќе се носи преку скратена постапка.

Во образложението на предлогот поднесен од Министерството за финансии се наведува дека се носи по урнек на регулативата на Европската унија за итна интервенција за да се ублажат последиците од енергетската криза.

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ за „А1он“ објасни дека данокот е целосно оправдан, но има забелешка што од пресметката на добивката на фирмите се исклучува 2020 година, најтешката пандемиска година во која некои фирми остварија екстра профит.

– Данокот на екстра добивка е целосно оправдан. Со него се даночат фирмите кои остварија високи профити минатата година, кога многу фирми ја злоупотребија ситуацијата со растот на глобалните цени и ги покачија нивните цени повеќе од што е потребно. Сите членки на ЕУ воведоа ваков данок уште минатата година, па кога можат тие, апсолутно мора и Македонија.

И покрај тоа што го оправдувам данокот, сепак имам неколку забелешки на него. Првата е што од пресметката на редовната добивка на фирмите арбитрарно се исклучува 2020 година, поради што се намалува екстра добивката на фирмите во 2022, со што се намалува и данокот кој ќе треба да се плати. Во ЕУ не е вака, во ЕУ и 2020 е вклучена во пресметката на редовната добивка – рече Јовановиќ.

Обврзник на овој данок ќе биде фирмата која во 2022 година остварила вкупен приход поголем од 10 милиони евра. Данокот ќе треба да се плати до 31 мај годинава. Министерот Фатмир Бесими рече дека овој закон ќе донесе дополнителен приход од 70 милиони евра во Буџетот, што според Јовановиќ не е точно.

– Втората забелешка ми е што данокот се воведува релативно доцна. Требаше да се воведе уште лани. Тој не ни беше најавен во онаа даночна реформа што ја најави министерот за финансии лани, што сметам дека е голем пропуст. Третата забелешка ми е што проценките на Министерството за финансии, за дополнителни 70 милиони евра од овој данок, не се реални. Вкупните приходи од данок на добивка лани биле околу 250 милиони евра, нема шанси сега поради овој данок да се собере едне третина од тие приходи. Приходите веројатно ќе бидат околу 20 милиони евра, што секако не е за фрлање, но е сепак помалку од најавените 70 милиони – коментира професорот Бранимир Јовановиќ.

Тој дополни дека овој закон не е замена за прогресивниот данок затоа што е еднократен и и порача на Владата да ги спречи фирмите да остваруваат екстра профити во вакви кризи, а не само да ги даночи кога веќе ќе ги остварат.

– Сметам дека е многу важно даноков да не биде сфатен како замена за останатите работи кои треба да ги направи владата за да се справи со кризава и да им помогне на граѓаните кои се погодени од неа. Тоа е, прво и основно, да се воведе прогресивен данок, и на личен доход, и на добивка. Второто што владата мора да го направи е да спречи фирмите да остваруваат екстра профити во вакви кризи, а не само да ги даночи кога веќе ќе ги остварат. За тоа да го направи, треба повторно да ги ограничи цените на прехранбените производи и енергенсите, бидејќи е повеќе од очигледно дека фирмите продолжуваат да ги пумпаат цените, и покрај сѐ – потенцираше тој.

Би можело да ве интересира

УЈП ќе ги објави компаниите од нафтениот бизнис кои затајувале данок

Градоначалникот Ибраими се пофали дека арачиновци плаќаат данок: Општината веќе не е „црна овца“

Александар Тодески

Бугарија ги укинува таксите за транзит на рускиот гас кон Србија и Унгарија

Орце Костов

Ковачевски на Денот на даночници: Со ефикасен даночен систем и позитивни политики ја обезбедуваме финансиската стабилност на државата

Предраг Петровиќ

Во Министерството за финансии треба да се одржи состанок со увозниците на моторни возила

Стопанската комора очекува Законот за солидарен данок да биде повлечен

Горан Наумовски