Планот за Косово веќе не е само француско-германски план, туку многу повеќе од тоа, порача српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста. Тој посочува дека на состанокот на „големата петорка“ му било кажано дека мора да го прифатиме планот, а дека во спротивно Србија ќе се соочи со прекин на евроинтеграцискиот процес, запирање и повлекување на инвестициите и сеопфатни мерки во економска и политичка смисла. Тој вели и дека ќе има голема борба за Заедницата на српските општини, како и дека е загрижен дека нема порационален пристап за решавање на проблемот.
Претседателот на Србија рече дека во втората реченица на состанокот на „Големата петорка“ му било кажано дека мора да го прифатиме планот.
„Во втората реченица што ми беше соопштена, беше речено – мора да го прифатите овој план, а ако не го прифатите, бидејќи сметаме дека мора да се прифати, ќе се соочите – под еден со прекин на евроинтеграциите, под два со запирање и повлекување на инвестициите и под три со сеопфатни мерки во економска и политичка смисла кои ќе нанесат голема штета на Република Србија“, рече претседателот Вучиќ.
Вучиќ вели дека ова му било повторено трипати во текот на разговорот.
Вучиќ изјави дека во следните неколку дена ќе ги покани на разговор сите претставници на пратеничките групи за да ги информира што се случува и да им даде повеќе информации за тоа како напредувале преговорите за Косово.