Премиерот Димитар Ковачевски најави промена на директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски. Ова доаѓа по интервјуто кое Спасовски го имаше за „А1он“ а во кое компромитираше министри, призна дека замолчува затвореници, но и дека има дискриминирани затвореници како што е Гордана Јанкулоска. Спасовски во интервјуто посочи и дека знаел за тоа дека командирот Срѓан Димитријески е осуден дека земал мито, но сепак оставил да биде командир во „Идризово“. Два дена по интервјуто, додека на смена беше Димитријески, избега затвореникот осуден за убиство и дрога, додека командирот е осомничен дека му го организирал бегството со други лица.
„Јас не сум задоволен од работата на директорот на Управата за извршување санкции при министерството за правда и почнав процес на селекција на нов директор на управата за извршување на санкции“, кажа Ковачевски.
Следната седница на Владата е закажана за утре. Но точката за разрешување на директорот Спасовски нема да биде ставена на дневен ред се додека не се најде нов кадар.
„Утре нема да се најде на владина седница, ќе се најде на една од наредните седници бидејќи процесот на селекција е отпочнат. Во Идризово има нов директор од пред неколку месеци и промената беше направена на претходниот врз основа на консултации што ги имав со меѓународни институции во делот на управувањето на затворски систем и на финансиски интитуции кои финансираат унапредување на затворскиот систем на државата. Врз основа на тие консултации направивме промена на директорот на затворот во Идризово. Сега врз основа на неколкуте пропусти кои што се направени ќе имаме нов директор на Управата на извршување на санкции“, додаде Ковачевски.
Претходно, директорот Спасовски по интервјуто доби и два деманти. Еден од ексминистерот за правда и актуелен вицепремиер Бојан Маричиќ и втор од министерот за правда, Никола Тупанчевски. Од него се бараше и извинување од страна на докторот Божин Ефтимов.
Промена на директорот на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири не одговори дали ќе има, иако додека тој директорува има починати затвореници, дрога во затворите, претепани затвореници. За Тахири, и директорот во заминување Спасовски кажа дека нема никакво искуство со затворскиот систем.