Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување санкции излажа кога тврдеше дека министерот за правда Никола Тупанчески го забранил интервјуто на затвореникот Бојан Јовановски-Боки 13 за „А1он“. Ова е заклучокот од одговорот кој го добивме од Кабинетот на министерот Тупанчески. Спасовски, го злоупотребил името на министерот за да ја оправда неговата одлука со која го замолчуваше Боки 13, а потоа, нареди да биде преместен во полоши услови, со влошено здравје.
„За многу работи, министерот за правда се консултира со директорот на Управата за извршување санкции. Меѓутоа, за ова прашање не е разговарано“, велат од Кабинетот на Тупанчески за „А1он“.
Спасовски минатата година одби неколку барања за интервју со Јовановски кои беа поднесени од „А1он“. Формално како причина стоеше безбедносната проценка, а во телефонски разговори тој тврдеше дека виновници се министрите Тупанчески и Маричиќ. Во интервјуто за „А1он“, Спасовски ги потврди разговорите преку тоа што посочи дека ги консултирал двајцата министри, за што сега, доби демант од Тупанчески.
„Интервју не дозволив од безбедносни причини кои не можам да ги откријам сега“, рече Спасовски во интервјуто, а откако го потсетивме на разговорите со новинарската екипа од „А1он“ дека тој претходно тврдеше дека министрите му забраниле додаде: „И министрите не дозволуваат, зборувам за Тупанчески. Заедничка одлука сме донеле дека од безбедносни причини не е одобрено“.
Според Законот за управување со санкции, актуелниот министер за правда, но и неговиот претходник, немаат никаква поврзаност со одобрување или одбивање на барање за снимање во затворски установи. Тоа е исклучителна одговорност на директорот за Управување за санкции.
Побаравме став и од ексминистерот за правда, Бојан Маричиќ, кого директорот Спасовски исто така го компромитираше со интервјуто за „А1он“ а поврзано со одлуката да се цензурира Боки 13. Од неговиот Кабинет, одговори најавија во наредните денови, а поврзани со тоа, дали е злоупотребено и неговото име бидејќи тврдеше дека нема никаква поврзаност со одбивањето на барањето за интервју или тој му забранил на Спасовски да го одобри барањето.