Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) соопшти дека порастот на бројот на случаи на коронавирус во Кина не се очекува да има влијание врз епидемиолошката ситуација во Европа.
– Варијантите што циркулираат во Кина веќе циркулираат во ЕУ и како такви не претставуваат предизвик за имунолошкиот одговор на граѓаните на Европската унија и Европската економска зона (ЕЕА), се вели во соопштението.
Освен тоа, постои релативно висок имунитет и стапка на вакцинација меѓу граѓаните на ЕУ и ЕЕА.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата, тесно соработува со Светската здравствена организација и е во редовен контакт со кинеските власти. Сепак, се додава дека сè уште има недостиг од веродостојни податоци за случаите на Ковид-19 и стапката на хоспитализирани во Кина.
Извор: МИА