Поранешниот уругвајски репрезентативец Фабијан О’Нил (49) почина во болница во Монтевидео по долго и тешко боледување, соопшти Уругвајскиот фудбалски сојуз.
О’Нил беше офанзивен играч за врска и имаше 19 настапи за уругвајската репрезентација и постигна два гола. Тој беше дел од тимот на Светското првенство во 2002 година во Јужна Кореја и Јапонија. Во текот на кариерата играше за Национал, Каљари, Јувентус и Перуџа.
Во редовите на „старата дама“ пристигна во 2000 година и ја делеше соблекувалната со многу ѕвезди како Ван дер Сар, Алесандро Дел Пјеро и Зинедин Зидан. Уругваецот во кариерата заработи милиони, но на крајот не му остана ништо. Работел како келнер, а за се ги обвинувал бавни коњи и брзите жени.
– Не ми остана ништо. Потрошив 14 милиони евра. Кој е виновен? Виновни се бавните коњи и брзите жени. Јас сум сиромашен, но повторно сум среќен. Главната работа е што јас и семејството имаме што да јадеме. Најдов нови пријатели, вистинските, а не лажните кои беа покрај мене кога бев богат. Тоа е моја грешка. Жените се заљубија во мојата пијана верзија и потоа се обидоа да ме променат. Никој не можеше да ме промени. Дури ми понудија помош од психолог. И моите поранешни сопруги се побогати од мене – изјави своевремено О’Нил.
Додека играше за Перуџа и Каљари местеше натпревари во италијанската лига, дело што подоцна отворено го призна. За Јувентус одигра само 20 натпревари со еден гол во две сезони. Кариерата ја заврши на 29 години, а животот полека му згасна поради зависноста од алкохол. Исто така и неговите пари што ги заработил. Имено, по завршувањето на кариерата, тој бил зависник од коцкање и алкохол.
– Имам 39 години, а пијам 30 години. Време е да престанам – рече пред 10 години, но не застана.