Претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов е пред дилема дали да истрча како кандидат на претстојните претседателски избори следната година. Дел од македонските иселеници од Америка и од Австралија го наговараат да се нафати на трката и да излезе на изборите како независен кандидат.
Претседателот на Достоинство кој е во неколкудневна посета на САД, на средба со иселениците , потврди дека идеја постои, но не кажа дали веќе се нафатил на предизвикот.
„Таа идеја постои уште од пред некое време, но сега се интензивира при мојата посета на САД, во Индијана каде што имам средби со симпатизери и поддржувачи на „Достоинство“. Тука сум поради традиционалниот годишен собир на Македонците од Америка и Канада. Иселениците ме убедуваат дека ќе застанат зад мене и ќе ме поддржат доколку се кандидирам како независен кандидат. Претходно ваква поддршка стигна и од иселениците во Австралија. Не знам, сепак за ова ќе мора добро да се размисли“, рече Ангелов.
Досега своите претседателски апетити ги има јавно кажано универзитетскиот професор Јове Кекеновски, кој се надева на поддршка од владеачката партија, а како можност да се појави како независен кандидат се спомнува и бизнисменот Труфун Костовски.
Во медиумите како имиња се вртеа и поранешниот гувернер Петар Гошев и Стево Пендаровски како кандидати од СДСМ, а сеуште е непознато дали владеачката партија ќе му даде поддршка на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов, за уште еден мандат.
Петар Клинчарски