Иско на почетокот на сезоната пристигна во Севилја како големо засилување, а клубот го напушта по неполни шест месеци. Шпанските медиуми објавија дека фудбалерот и Севилја спогодбено ќе го раскинат договорот.
Иско дојде во Севилја минатото лето како слободен играч по истекувањето на договорот со Реал Мадрид. На неговиот трансфер инсистира тогашниот тренер Хулен Лопетеги. Иско на „Рамон Санчез Писхуан“ не покажа ништо од своите квалитети. Очигледно трага врз неговата форма оставија последните две сезони во Реал, во кои речиси и да не играше.
Целата ситуација за Иско стана уште полоша кога Лопетеги доби отказ. Како што пишуваат шпанските медиуми, во клубот не биле задоволни од напорите што ги вложува Иско на тренинзите и натпреварите.
Иско е слободен играч, прашање е каде ќе ја продолжи кариерата, а Севилја интензивно бара играч што ќе го замени поранешниот шпански репрезентативец.
Извор: МИА