Англија и Франција, вечерва ќе го дадат последниот полуфиналист на Светското првенство во Катар. Звучи неверојатно податокот дека Англија и Франција досега никогаш не се сретнале во нокаут фазата на Мундијалите.
И пред почетокот на Светското првенство, овие две репрезентации беа ставани во кругот на фаворитите. Вечерва сонот за трофејот ќе заврши за една репрезентација.
Франција и Англија ги освоија своите групи. Светски шампиони славеа над Австралија (4:1) и Данска (2:1), а поразот од Тунис (0:1) не влијаеше на нивниот пласман во групата. Во осминафиналето без многу труд Французите ја елиминираа Полска со 3:1.
Англија, очекувано ја освои според многумина најлесната група на Мундијалот. Го декласираа со 6:2 Иран на стартот, одиграа без голови со САД и го совладаа Велс со 3:0. Во осминафиналето без проблеми славеа со 3:0 над Сенегал.
Импресионира податокот дека 12 гола на Англија, досега на првенството ги постигнаа осум фудбалери. Кај Франција, се се врти околу Килијан Мбапе, тој постигна пет од деветте гола за својата селекција.
Историски гледано, Англија има подобар скор, 17-5-9. Најголем дел од овие 17 победи Англија забележала во периодот пред Втората светска војна.
Извор: Топспорт