Селекторот на мексиканската фудбалска репрезентација Херардо Тата Мартино синоќа во Доха изјави дека ја прифаќа одговорноста за неуспехот и елиминацијата од Мундијалот по групната фаза и дека ја напушта клупата на таа селекција.
„Јас сум одговорен за фрустрацијата и разочарувањето што ги доживеавме. Ја прифаќам одговорноста за овој неуспех. Договорот ми истече при последниот судиски свиреж и тоа е тоа“, изјави Мартино.
Мексико во последното трето коло од групата Ц ја совлада Саудиска Арабија со 2:1, но и покрај победата како третопласирана во групата го заврши учеството на Мундијалот.
Селекцијата на Мексико освои четири бода, колку што има и второпласираната Полска, но Полјаците напредуваа поради подобра гол – разлика.
„Доминиравме, создававме шанси. Можевме да постигнеме уште неколку голови, но не успеавме“, изјави Мартино.
Извор: Топспорт