Калиду Кулибали, човекот кој вообичаено е задолжен да го спречи противникот да стигне до голот, го постигна победничкиот гол за Сенегал да стигне до 2:1 победа над Еквадор и да обезбеди пласман во осминафиналето на СП како второпласиран во групата А, каде што Холанѓаните го потврдија првото место со 2:0 победа над домаќинот Катар.
Бидејќи Еквадор имаше поен повеќе од Сенегал по ремито со Холандија, на африканската репрезентација им требаше победа за да го обезбедат пласманот, и по доминантното прво полувреме, конечно стигнаа до предност во 44. минута, кога беше досуден пенал над напаѓачот на Вотфорд, Исмаила Сар, кој потоа сигурно го реализираше. Откако не ги искористија своите шанси, во 68. минута, Моисес Каиседо успеа да израмни за Еквадор, но само минута подоцна, по еден прекин на игра, топката стигна кај дефанзивецот на Челси, Кулибали, кој ладнокрвно ја смести во мрежата.
Холандија, пак, го осигура првото место со 2:0 победа над Катар, нанесувајќи го третиот пораз во низа на домаќинот на шампионатот. Коди Гакпо, напаѓачот на ПСВ Ајндховен, стана првиот Холанѓанец кој постигнал гол во три меча едноподруго на СП, носејќи им предност во 26. минута, додека Френки де Јонг беше на вистинското место во 49. минута за потврда на победата.
Сенегал за противник во осминафиналето ќе го има првопласираниот од групата Б, каде што Англија е лидер пред мечот со Велс, додека Холанѓаните ќе играат со второпласираниот во истата група, каде што најмногу шанси им се дава на САД и Иран, кои ќе го решат патникот во директна пресметка.
ГРУПА А, 3.КОЛО
Екваадор – Сенегал 1:2
Холандија – Катар 2:0
Извор: Топспорт